Зеленски издаде наредби за смена на шефот на ДБ и на главната обвинителка
- Конкретно, над 60 вработени во Обвинителството и Службата за безбедност на Украина останаа на окупираното подрачје и работат против нашата држава, истакна тој
Киев, 18 јули 2022 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски доцна синоќа издаде наредби за смена на шефот на украинската Служба за државна безбедност и на главната обвинителка.
Наредбите за смена на Иван Баканов, пријател на Зеленски од детството, како и на Ирина Венедиктова, која врши напори за процесуирање руски воени злосторства во Украина, објавени се на официјалната веб страница на украинскиот претседател.
Зеленски објави дека над 60 вработени во нивните служби вршат дејствија против Украина на територијата под руска окупација, па покренати се 651 казнена постапка за велепредавство и соработка со Русија против вработени во Обвинителството, истражните органи и во службите за безбедност.
- Конкретно, над 60 вработени во Обвинителството и Службата за безбедност на Украина останаа на окупираното подрачје и работат против нашата држава, истакна тој.
Според него, таквите злосторства наметнуваат „навистина сериозни прашања“ за смена на шефовите. Како што тој додаде, „на секое од тие прашања ќе се одговори соодветно“. бд/зш/