• петок, 22 ноември 2024

Здруженија со имиња на соработници на фашистичкиот режим не ги подобруваат односите со соседите, смета Ковачевски

Здруженија со имиња на соработници на фашистичкиот режим не ги подобруваат односите со соседите, смета Ковачевски
Скопје, 10 октомври 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски вели дека јасно ги искажува ставовите по однос на здруженијата што се формираат и носат имиња на соработници на фашистичкиот режим. Во однос на најавеното отворање на здружението Цар Фердинанд оцени дека ваквите имиња на никој начин не придонесуваат кон подобрување на односите помеѓу соседните држави, но уште повеќе ги повредуваат чувствата на македонските граѓани, а особено на еврејската заедница. Премиерот во интервју за Телевизија 24 изјави дека Централниот регистар ја разгледува документацијата и поради намерата на граѓани да формираат такви здруженија што ги нарушуваат чувствата и односите со соседна држава, е формирано тело во Владата, односно во Министерството за правда, што треба да оцени дали одредено име може да биде користено или не. Ковачевски вели дека македонското законодавство е многу либерално во однос на формирање здруженија и од таа причина му сугерирал до министерот за правда, како основа да се земе германското законодавство. - Германија е држава што е една од носечките држави во Европската Унија во економијата, владеењето на право и по организирање на внатрешен систем и мислам дека тоа е законодавство што треба да го земеме. Сакам да ги заштитам чувствата на граѓаните и исто така повикав при изработка на тој закон да учествуваат не само сите политички партии, туку и еврејската заедница да биде вклучена во собраниската комисијата во којашто ќе се разгледува законот, додаде Ковачевски. Идејата за овие здруженија, вели дека е да се предизвика провокација кај граѓаните, како и финансиски интерес и нетрпение помеѓу двете држави. Додаде дека ова се случува во изминатите години во односите помеѓу двете држави и треба да се стави крај. Порача дека сите граѓаните не треба да бидат заложници на одредени граѓани што сакаат да ги нарушат односите, пред сè внатре во општеството, а потоа надвор од државата. ки/сп/

Остани поврзан