• недела, 22 декември 2024

Здравковски: СДСМ и ДУИ потрошиле стотици милиони евра народни пари за патишта и пруги кои не ги изградиле

Здравковски: СДСМ и ДУИ потрошиле стотици милиони евра народни пари за патишта и пруги кои не ги изградиле

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - СДСМ и ДУИ потрошиле стотици милиони евра народни пари за патишта и пруги кои не само што не ги изградиле, туку не направиле поместување од тоа што го затекнале, изјави денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Здравковски. Тој побара истрага и одговорност за сторителите.

Според него, загрижува фактот што Извештајот на Државниот завод за ревизија, наведува дека кај најголем дел од инфраструктурните проекти не само што се зголемени цените на чинење на проектите како и пролонгирани се роковите за реализација, туку во дел од нив се јавува и опасност од дополнителни трошоци за арбитражни постапки кои треба да ги плаќа државата, таков е патот Прилеп – Градско, делот Дреново – Фариш.

- Автопатот Кичево – Охрид што ВМРО-ДПМНЕ го остави во напредна фаза на реализација едвај е поместен од ситуацијата во која е оставен, а според ревизорскиот извештај утврдено е зголемување од 178 милиони евра за негова доизградба. Тоа се пари додадени како анекси на договорот, на веќе испроектирани финансии, а патот сè уште не е завршен. Лудоста на власта не застанала тука. Таа продолжила и со автопатот Скопје – Блаце, кој за 10 километри, треба да чини над 180 милиони евра, што е за 80 милиони повеќе од првично предвиденото, вели Здравковски.

Зголемување за кое, како што истакнува Здравковски, Јавно претпријатие за државни патишта не дало конкретно објаснување за потребата од зголемување на финансиските средства.

- Досега броиме 260 милиони евра дубиози на власта. За жал, на оваа листа и нема крај. Најголемата трагедија и грабеж на народот се случува со пругата кон Бугарија. Кај истата, кај третата делница од Крива Паланка до граница се предвидени безобразни 24 милиони евра за километар пруга. Таа, која би била долга 23,4 километри, е проектирана од СДСМ и ДУИ да чини 560 милиони евра, односно за цели 220 милиони евра повеќе од претходно испроектирано, потенцира Здравковски.

Тој посочува дека пругата поминува низ центарот на Крива Паланка, за нејзината изградба, како што вели, треба да се срушат стотина куќи и да се раселат исто толку семејства, а завршува со тунел кој не води никаде.

- Расипништвото на СДСМ и ДУИ најмногу се гледа во стагнацијата на инфраструктурата во државата, каде очигледно главен приоритет им било пумпање на цените на тендерите, а работата стоела во место. Седум години подоцна, државата е посиромашна од претходно заради расипниците од СДС и ДУИ, а железници и патишта нема, подвлекува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потенцира дека за ова одговорност мора да има.

- ЈО не смее да остане немо на Извештајот на ДЗР. Истраги и одговорност веднаш, нагласува Здравковски. ир/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан