• понеделник, 23 декември 2024

За четири месеци изречени 136 казни за возачи на мотоцикли во Штип

За четири месеци изречени 136 казни за возачи на мотоцикли во Штип

Штип, 25 август 2023 (МИА) - Прекумерната бучава од мотори е актуелен проблем низ штипските улици. Граѓаните реагираат на социјалните мрежи, велат дека пријавуваат и во полиција бидејќи во ноќните часови не можат да спијат од бучавата од моторите. Полициската станица во Штип постојано добива пријави од граѓаните, жалби на социјалните мрежи за бучава во ноќни часови од мотори и млади возачи кои ги вознемируваат граѓаните.

Портпаролката на СВР-Штип Гордана Панајотова рече дека за секоја пријава се постапува веднаш и оние кои ги прекршуваат одредбите од Законот редовно се санкционираат. Во последните четири месеца, заклучно со вчерашниот ден, изречени се вкупно 136 казни за возачи на мотоцикли.

-Во текот на изминатите месеци, мај, јуни, јули, заклучно со август, изречени се вкупно 136 мерки, од кои 88 за неносење заштитна кацига, 18 за управување без возачка потврда, 19 за неносење регистерска табличка и 11 за измината важност за полисата за осигурување. Во овој период од страна на полицијата одземени се вкупно четири мотори согласно со чл. 344 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, вели Панајотова.

Од СВР Штип апелираат до родителите да не подлегнуваат на притисокот и барањата на своите деца, а до возачите на мотоцикли да носат заштитна кацига и да ги почитуваат и останатите правила во сообраќајот.

-Апелираме до родителите да не подлегнуваат под притисокот и барањата на своите деца, да не им овозможуваат опасни играчки без претходно да им обезбедат основни знаења и способности за правилно и безбедно учество во сообраќајот. Мотоциклистите спаѓаат во групата учесници во сообраќајот кои најмногу се изложени на опасности во сообраќајот и кај кои ризикот за здобивање на смртоносни повреди во случај на сообраќајна незгода е исклучително висок, рече Панајотова.

Паричната казна за некористење кацига е 50 евра, за управување мотоцикл без возачка дозвола е 250 евра, за измината регистрација од 100 до 500 евра, а за необновена полиса 100 евра во денарска противвредност. За техничка неисправност следува одземање на мотоциклите. вдј/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан