• понеделник, 23 декември 2024

Во борбата за власт доминираат наративи за непријатели и поделби

Во борбата за власт доминираат наративи за непријатели и поделби

Скопје, 24 февруари 2024 (МИА) - Наместо инспирација, поделби и „црно-бел свет“. Наместо зборови за охрабрување, меѓусебни обвинувања, наместо пофалби за добро сработена работа, критики многу често без основа и извртување на факти... Во ваква реалност живееме долго време. Граѓаните се разочарани, а штетните наративи што се шират преку медиумите и социјалните мрежи продолжуваат и натаму со тенденција да се интензивираат во месеците што доаѓаат пред двојните избори и можните пресврти во државата. Политичките партии во обид да дојдат до што повеќе гласови ги користат сите алатки и канали. Најмногу „трпат“ партиските соопштенија што се објавуваат понекогаш и по десет пати во денот, а кои често пати содржат голи обвинувања непоткрепени со факти со навредлив речник кон политичкиот противник. 

„СДСМ: Наместо решение ДПМНЕ го заглавува издавањето пасоши од Белиот дворец, со месеци тврдеа дека ќе го решеле проблемот со личните документи. Кога ДПМНЕ влезе во техничката Влада, нивниот министер направи дополнителен хаос, се обиде да создаде паника кај граѓаните со најави за казни и го комплицираше процесот за издавање пасоши.“

„ВМРО-ДПМНЕ: СДС се нервозни бидејќи гледаат дека законот ќе се применува кон сите - ВМРО-ДПМНЕ нема да прикрива и забошотува случаи како што тоа го правеше СДС. Ја разбираме потребата на СДС на секој можен начин да ја дефокусира јавноста од своите криминали и неспособноста на МВР-СДС кое во „државен притвор“ остави 600 илјади граѓани.“

Ова е само еден пример за секојдневните препукувања меѓу политичките партии, но штетните наративи не заостануваат ниту во говорите на пратениците во Собранието и во статусите на социјалните мрежи.

- Непочитуван, дезертер од претседател и непочитувани колеги пратеници, Денес се спрема ‘мастермајндот’ на шверцератот во Собранието на Република Македонија. Патриотите на батерии од ДПМНЕ, квислинзите од есдеес и сецесионистите од ДУИ ја ставаат јамката на парламентарната демократија преку точка 1 во дополнетиот Предлог – деловник на Собранието на Република Македонија. Овие три политички аждаи кои ја цицаат крвта на македонскиот народ сакаат во иднина да нема опозиција, е дел од говорот кој Димитар Апасиев, пратеник и претседател на Левица, го изнесе на седницата за амандманите за Деловникот.

Претседателските и парламентарните избори се закажани за 24 април и 8 мај. Партиите и потенцијалните кандидати веќе се во кампања иако таа почнува дури во април. Бројот на негативни зборови, оцрнувања, извртување на факти, дезинформации... севкупно штетните наративи очекувано се зголемуваат.

Професорката Елеонора Серафимовска од Институтот за социолошко – политичко правни истражувања, која работи на истражување ШТЕТ-НА со Институтот за комуникациски студии во изјава за МИА нагласува дека очекува штетните наративи да се засилат и да преовладуваат како и досега со неосновано поткопување на довербата во институциите, пристрасното селектирање информации, напади Ad hominem, наместо напади на аргументацијата на политичките противници, демонизација на политичките противници, ширење популизам, ширење страв и паника.

-Како и до сега, очекувам изборна кампања во која пред се се оцрнуваат туѓите политики, а малку се зборува за сопствените визии, програми и начинот на кои истите би се реализирале. Очекувам да се продолжи со наративите, чија штетност е во тоа што поттикнуваат поделби на нас и на вас, ние добрите и чесните наспроти вие лошите и нечесните и корумпираните, ние кои сме со народот и вие кои не го сакате сопствениот народ, ние кои сме прогресивни и проевропски наспроти вие кои го попречувате светлиот пат на Македонија кон ЕУ, вели психологот и комуниколог Серафимовска.

Таа смета дека политичките субјекти и натаму фреквентно ќе ги користат социјалните медиуми но, како и до сега не вистински, непосредно, директно и отворено да комуницираат со јавноста, туку еднонасочно да ги искажуваат сопствените идеи, ставови.

Очекувам, вели таа, употреба на емотивно оптоварени зборови со што би се засилиле одредени негативни чувства, политичарите и понатаму да не ги почитуваат начелата и стандардите на јавен дискурс, отворена дебата и демократски вредности.

- Се чини ќе помине уште долго време до моментот кога свесноста за страшните последици од штетните политичките наративи ќе биде саморегулирачка тенденција во политичката комуникација, смета професорката.

Нејзиниот колега од Институтот за социолошки-политичко правни истражувања Јован Близнаковски исто така не очекува значителни промени од тоа што го гледавме во минатото.

-Штетните наративи ќе бидат застапени во изборната кампања, а истото важи и со мобилизацијата на граѓаните преку клиентелистички ветувања за вработувања, предности и други материјални бенефиции. На полето на наративите, ќе имаме препукувања на линија „про и контра ЕУ“, „патриоти наспорти предавници“, взаемни напади за тоа кој е повеќе корумпиран и/или неспособен за раководење со државата и слично. Очекувам повеќе од истото што го гледавме изминaтиве години, како во рамки на етничките блокови така и помеѓу нив, вели политикологот Близнаковски во изјава за МИА.

Антагонизмот што се создава кај граѓаните од овие штетни наративи, според професорката и психолог Ана Чучкова од Славјанскиот универзитет создава почва на дезориентираност поради веќе создадената скептичност и недоверба во никого и ништо.

-Бидејќи оваа биполарност временски трае неколку десетлетија поделбата во помали групи и подгрупи ќе биде се по изразена. Многу веројатно дека делувањето ќе биде повеќе сконцентрирано на општинско ниво. А излезеноста на изборите ќе биде многу помала, нагласува Чучкова за МИА. 

Политичарите и партиите да работат на транспарентна и етичка употреба на комуникациските платформи

Истражувањето ШТЕТ-НА кое го спроведува Институтот за комуникациски студии во соработка со истражувачи и експерти од областа на медиумите и комуникациите, новинари и медиумски професионалци ги мери политичките штетни наративи. Тоа се наративи кои имаат негативни последици за општеството, демократијата и благосостојбата на поединците. Се однесуваат на стории, идеи или пораки промовирани од политички субјекти што не се со беневолента цел за информирање на јавноста или промовирање на граѓански активизам, туку служат за нејзино манупилирање, што ги прави главни фактори за поткопување на демократските и воопшто хуманите вредности. 

Истражувањето е лонгитудинално и го опфаќа временскиот период од 1 септември 2023 до 31 јули 2024 година. Се мониторираат политичките актери во земјава преку следење и анализа на: официјалните интернет-страници и официјалните Фејсбук профили на политичките партии од актуелниот парламентарен состав што имаат повеќе од еден пратеник - вкупно 10, како и официјалните Фејсбук профили на претседателите на политичките партии - вкупно 10, како и на министрите (членови на Влада-вкупно 20) од актуелниот владин состав.

Професорката Серафимовска вели дека главната цел на овој мониторинг е да се истражи дали и како политичките актери во Македонија креираат, користат и споделуваат штетни наративи.

Вториот мониторинг, како што објаснува таа, е на телевизиски станици (следење на централни, главни вести) и на информативни онлајн-медиуми, секој четврти ден. Се следат вкупно 11 информативни онлајн-медиуми и девет телевизиски станици, а главната цел на овој мониторинг е да истражи која и каква е улогата на медиумите при известувањето за овие штетни наративи, односно дали притоа медиумите ги применуваат професионалните и етички новинарски стандарди.

-Анализата на содржините на интернет-страниците и Фејсбук профилите на партиите и политичарите покажува дека тие ги користат и сопствените (официјални) интернет-страници, но и Фејсбук профилите при пренесувањето на сопствените ставови и идеи. Кога политичкиот субјект ги користи двата канала за комуникација тогаш содржините што ги споделува преку едниот и другиот канал се во голема мера исти. Секако не секој политички субјект има иста динамика на објавување на овие два канала, а секој, пак, има своја специфика како ја пренесува содржината на едниот и на другиот канал, вели професорката Серафимовска.

Социјалните мрежи станаа расадник на екстремизмот кој се користи за поткопување на демократијата, заклучи експертска група во Давос и повика на реформи што ќе ја вратат довербата во власта и

Колку за илустрација на таа динамика, според истражувањето, на објавување на овие два канала во месец декември интернет-страниците на таргетираните политички партии и Фејсбук страниците на таргетираните политички субјекти биле следени 18 дена (секој трети и четврти ден во месецот).  При тоа, само три политички партии ја користат својата интернет-страница за ширење на штетни наративи: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица. Фејсбук профилот го користат десетина политичари, носители на функции и партии и тоа од речиси сите политички партии. СДСМ подеднакво ги користи двата медиумa и интернет-страниците и фејсбук профилите. Левица, пак, почесто го користи фејбук профилот за да пласира објави со штетни профили.

Професорката Серафимовска нагласува дека тука, се чини не е толку важно кој медиум го преферираат политичарите за да ги пренесат сопствените ставови и идеи, туку како тоа го прават, особено кога ги пренесуваат штетните наративи.

-Вообичаено, години наназад, а и сегашното истражување го покажа тоа, политичките субјекти ги користат социјалните медиуми/платформи за да споделат содржини кои служат само за промоција на сопствените активности, а не за двонасочна, директна комуникација со граѓаните. Споделувањето го прават вешти менаџери за односи со јавност, со што се пропушта можноста за непосредна, директна комуникација и интеракција. Едноставно кажано, политичките субјекти многу фреквентно ги користат социјалните медиуми за да ги искажат сопствените ставови, идеи но не го искористуваат потенцијалот на социјалните медиуми за конструктивна политичка дебата, со што отсуствува вистинскиот дијалог во јавноста. На социјалните мрежи на политичките субјекти, освен промоција на сопствените ставови и идеи најчесто има и неосновано оцрнување на политичките противници, со што всушност комуникацијата се насочува само кон нивни поддржувачи, а не и широката јавност, потенцира проф. Серафимовска.

Сето ова, вели таа, ја нагласува потребата за подигање на свесноста за транспарентна и етичка употреба на овие платформи од страна на политичарите/политичките субејкти.

Близнаковски од ИССПИ вели дека штетните наративи во политиката се присутни во нашето општество уште од самиот зачеток на мултипартизмот. Потсетува дека меѓусебни препукувања на политичарите на лична основа се присутни со децении и се веќе вообичаен декор во политичкиот натпревар, но и етно-центричните наративи кои издигнуваат една етничка заедница, а дискриминираат друга.

- Ги одвојувам овие два како типови на наративи кои се покарактеристични за нашиот контекст, дополнително на наративи кои се однесуваат на вклученоста на меѓународната заедница во внатрешните процеси кои исто така, можат да бидат понекогаш окарактеризирани како „штетни“, секако зависно од пораката, вели Близнаковски.

Со појавата и развојот на социјалните мрежи наведените и други слични штетни наративи се мултиплицираат и веројатно во моментот, оценува доцентот, имаме ситуација во која тие се во некој „пик“ на распространетост.

-Во моментот, поради конкретниот историски контекст, различни штетни наративи се „поткрепени“ од т.н. „лажни вести“, креирајќи слика кај обичните луѓе за оправданост на одреден наратив заради некоја привидна фактографска состојба. Ми се чини дека во моментов навистина доживуваме „бум“ на распространетоста и нивниот ефект кон општеството, иако треба да бидеме свесни дека оваа појава воопшто не е нова за нашата демократија, вели Близнаковски.

Креирање и зацврстување идеи за „непријатели“ и чувство на нееднаквост и неприпадност

На македонското општество му недостига кохезија, општествената поларизација е голема, а со настапите на политичарите во кои користат штетни наративи, таа уште повеќе се продлабочува, особено сега предизборно.

Близнаковски нагласува дека штетните наративи често имаат функција на зголемување на оваа поларизација и намалување на можностите за општествена кохезија. Вели дека штетните наративи креираат и зацврстуваат идеи за „непријатели“ и како такви дејствуваат изразито негативно кон можностите за соработка меѓу различните групи и индивидуи.

Гледано потесно, во однос на демократскиот развој, штетните наративи се користат и како метод за политичка мобилизација на граѓаните, вклучително и при гласање. Во многу општества низ светот, политичките партии, вели Близнаковски, преоѓаат кон методи на мобилизација кои се темелат на изразити напади кон политичките противници во ситуација каде немаат изградено репутација на веродостојност во однос на исполнувањето на политичките програми.

-Таква е ситуацијата и кај нас - партиите подготвуваат програми, но по заземањето на власта доследно не ги исполнуваат - граѓаните се свесни за ваквата ситуација и на партиските програми не гледаат како сериозен аргумент за гласање. Со цел да го заобиколат овој проблем, партиите пристапуваат кон други тактики на мобилизација кои се демократско дефицитарни, како на пример „купување гласови“ или во врска со нашата денешна тема - обиди да се оцрни противникот преку штетен наратив. Во оваа смисла, штетните наративи директно го поткопуваат идеалниот модел на демократија кој по дефиниција се темели на гласање врз основа на програмска понуда и на отчетност согласно програмската понуда, посочува Близнаковски.

На овој начин, заклучува тој, штетните наративи помагаат во одржување на дефицитарноста во однос на примената на демократските принципи.

(Не)етички потковани политичари, комуникација без допир со граѓаните, инфлуенсерство

Етичката поткованост во комуникацијата кај политичарите е незадоволителна, а желбата за успех во политичкиот натпревар изгледа како да е поголема од етичките начела. Граѓаните се чувствуваат немоќно, имаат впечаток дека не можат да влијаат врз процесите, кои се случуваат во државата, како да се дел од едно реално шоу, а оние кои одлучуваат за нивните судбини - политичарите, пак се ставаат во улога на инфлуенсери.

Во политичката битка, штетните наративи се користат како едно од оружјата за победа, а партиите најчесто немаат филтри, намерно или ненамерно, за спречување овој вид наративи да допре до јавноста.

Близнаковски вели дека нашите политички партии, особено поголемите и долговечните, имаат историја на „изигрување“ или „заобиколување“ на правилата кога се саморегулираат. Вели дека се потребни професионални филтри, но има скепса дека самите партии се способни да го имплементираат тоа како што треба.

Нема сознание дека некоја партија применила ваков механизам, но можеби, како што ни кажа, не е добро информиран. Смета дека општата атмосфера во нашата политика е „воинствена“, се користи навредлив говор, се дефокусира кон личноста на противниците, се прават јасни разлики меѓу „ние“ и „тие“, се мобилизираат граѓаните на база на „негативна“ кампања.

-Можеме јасно да согледаме дека комуникацијата е подложна на штетни наративи: ова е заедничко и за двата типа на комуникација кои ги споменувате. Дури и кога политичарите се обраќаат кон граѓаните - често знаат да одвојат група на граѓани кои ќе бидат „жигосани“ како „неповолни“, со користење на термини како „предавници“, „странски платеници“, „русофили“, вели тој на прашањето да даде геннерална оценка за политичката комуникација меѓу политичарите, но и на политичарите кон граѓаните.

Близнаковски смета дека само обуки за етичко говорење, од кои нема штета, не се конечното решение за ваквата реторика. Верува дека одреден дел од политичарите не се свесни за последиците од штетните наративи и говорот на омраза и не можат да ги препознаат како такви, но исто така верува и дека одреден дел и се подготвени да имплементираат дискурс кој би бил ослободен од штетни наративи. Тие, додава, се целните групи каде обуките би биле корисни.

-Сепак, имаме и друг дел политичари (при што навистина е тешко да се процени која од споменатите групи е доминантна) кои свесно користат штетни наративи во своите настапи. Во нашата земја, пропишаните реперкусии и нивното извршување во пракса е сосема различна работа и верувам дека оние кои прибегнуваат кон штетни наративи во јавната сфера калкулираат со неказнивоста. Во овој случај, навистина е тешко да се очекува дека обуки ќе помогнат, вели Близнаковски.

И во земјите членки на ЕУ се присутни штетни наративи, дури и кај најразвиените, но таму особено важен е јавниот филтер. Таму, како што вели Близнаковски, говорот на омраза нема да пројде еднакво во повеќето од постарите европски демократии и во пост-комунистичките земји како Македонија. 

-Едноставно, јавноста реагира и тоа е најдобар коректив за политичарите кои сакаат да користат штетни наративи. Критична маса против штетните наративи придонесува и за подобра регулатива како и за извршување на регулативата против истите, вели Близнаковски.

Обуки за однесување со јавноста и менување на пристапот кон граѓаните препорачува психологот Чучкова. Според професорката многу од работите кои доведуваат до штетни влијанија во јавноста политичарите ги прават несвесно и оти невербалната комуникација, која таа како психолог ја обсервира, многу често укажува дека тие го понижуваат народот.

-Тоа го прават несвесно, бидејќи и тие самите веќе се антагонизми. Нивниот начин на размислување е за да можат тие да бидат први, треба другиот да биде исцрнет, да му се залепат етикети, да се оцрни, да се негира, да е неважечки. Тоа ќе биде обука, тоа ќе биде големо освестување, еве за мене постои надеж, но доколку стануваме се посвесни и посвесни, вели Чучкова. 

За тоа дали политичарите станаа инфлуенсери, Серафимовска вели ако инфлуенсерите се луѓе кои имаат влијание врз други луѓе, на нивните ставови, вредности, однесувања, и во ова дигитално време во кое живееме тоа го прават, пред се, со помош на социјалните платформи, тогаш политичарите посакуваат и постојано се обидуваат да бидат инфлуенсери.

-Дали тоа навистина се, во колкава мера се, кои од нив се, а кои не се и зошто не се- ќе зависи од многу работи. Политичарите кои ефективно ги користат социјалните медиуми и дигитална комуникација за да ги комуницираат пораките до јавноста, може да се сметаат за инфлуенсери. Всушност, подемот на социјалните медиуми ги замати границите меѓу традиционалните политички фигури и инфлуенсерите, бидејќи политичарите сега ја имаат можноста директно да се вклучат во комуникација со своите следбеници, да споделуваат содржини и да влијаат на јавното мислење на начини на кои претходно не беа можни. И ова може да се случи во кој било момент од времето, во зависност од стратегијата и пристапот кон комуникацијата на секој поединечен политичар, вели Серафимовска.

Професорката вели дека не би можела со точност да каже дали политичарите имаат свесност што е приватен, а што јавен простор, но од анализата согласно стандардите што треба да се следат во политичката комуникација, истражувањето ШТЕТ-НА дефинирало неколку начела и следело колку политичките субјекти ги почитуваат.

Тоа се начелата на транспарентност, професионалност и непристрасност во комуникацијата, начело на комуникација базирана на докази, начело на етична комуникација и начело на неширење на говор на омраза, дискриминаторски говор. 

-Податоците покажаа дека политичките субјекти ги прекршуваат без исклучок сите начела. Еве примери: кога политичарите неосновано (без докази) ја поткопуваат довербата во јавните институции и кога пристрасно селектираат информации, а тоа често го прават, тие не го почитуваат начелото на транспарентност, начелото на професионалност и непристрасност во комуникацијата и начело на комуникација базирана на докази, кога во своите наративи прават напади на лична основа, та дури и демонизираат, кога употребуваат говор на омраза, а сето тоа исто така често го прават според анализата, тогаш политичките субјекти не ги почитуваат начелото на етична комуникација и начелото на неширење на говор на омраза, дискриминаторски говор. Кога политичарите со своите наративи се обидуваат да шират паника, страв и несигурност тогаш го кршат начелото на етична комуникација и начелото на професионалност, вели професорката.

Останува дилемата, како што напоменуваат нашите соговорници дали политичарите не се свесни и не ги знаат стандардите за јавна политичка комуникација па затоа грешат, или се свесни и ги знаат стандардите и начелата, но намерно и со умисла не ги почитуваат. И едното и другото е подеднакво недозволиво, но нема дилема дека генерално политичките актери не се придржуваат кон начелата и стандардите на политичката комуникација.

Ана Цветковска

Елизабета Велјановска Најдеска

Фото: МИА/МИА архива

Видео и монтажа: Аслан Вишко

Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Продолжува

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан