• понеделник, 23 декември 2024

Затворена е дупнатината во Стопански Двор

Затворена е дупнатината во Стопански Двор
Скопје, 9 април 2021 (МИА) - Затворена е бушотината во Стопански Двор, и по повеќе од една деценија, спречено е неконтролираното излевање на минерална вода и гас CO2, кои им создаваа проблеми на локалното население, соопштија денеска од Општина Ѓорче Петров. Од Општината наведуваат дека Министерството за економија се заложило кон решавање на овој проблем, кој покрај штетите кои се прават на локалното население, истовремено нерационално се намалуваат резервите на природните ресурси и се нарушува состојбата со подземните води во околината. - По оддржаните состаноци со поранешниот концесионер ТГС „Технички гасови“ АД Скопје, се пристапи кон изработка на проект за затворање на дупнатината, а потоа се пристапи и кон реализација на проектот, појаснуваат во соопштение. Проектот е изработен од компанија која поседува овластување за изработка и изведување на овој вид дејности, ревидиран е исто така од овластена компанија, одобрен од надлежните инспекциски служби. ТГС „Технички гасови“ АД Скопје, како поранешен концесионер ја заврши обврската за затворање на дупнатината. - Со затворањето на бушотината, локално се придонесува кон заштита на животната средина преку спречување на излевање на CO2 во атмосферата а истовремено се зачувуваат и природните ресурси кои не се користат, соопштија од Општината. бт/сп/

Остани поврзан