• петок, 22 ноември 2024

Започна поставувањето на атмосферска канализација во Шуто Оризари

Започна поставувањето на атмосферска канализација во Шуто Оризари
Скопје, 26 јули 2021 (МИА) - Во Општина Шуто Оризари од денеска почнува поставувањето на атмосферска канализација. Проектот е дел од 99-те проекти на општините, финансирани од групацијата ТАВ. По повод започнувањето на овој проект, на денешниот настан присуствуваа премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Општината, Курто Дудуш и директорот на ТАВ, Метин Батак. Градоначалникот Дудуш истакна дека овој проект ќе ги реши децениските проблеми на над десет илјади граѓани во Општината. - Со реализација на овој проект не само што ги штитиме домаќинствата од поплави, туку создаваме предуслови за изградба на нови улици што ќе бидат по сите стандарди, изјави тој. Директорот на ТАВ, во своето обраќање посочи дека поставувањето на атмосферската канализација во Шуто Оризари е прв од вкупно 99 социјални проекти за коишто компанијата издвои 35 милиони евра во период од три години. За поставување на атмосферската канализација, ТАВ издвои 1,2 милиони евра. - Градежните работи во Општината не се само економски корисна активност, туку и значајна активност за локалната заедница. ТАВ претставува општествено одговорна компанија и среќни сме што создаваме поголема вредност за луѓето, изјави тој. Премиерот Заев изјави дека непостоењето на атмосферска канализација за жителите на Шуто Оризари претставува еден од најголемите проблеми. - Општина Шуто Оризари е првата општина што започнува со реализација на инфраструктурниот проект за кој доби грант, што ТАВ го имаше предвидено за изградба на карго-аеродром во близина на Штип. Станува збор за изградба на атмосферската канализација на улиците „Хаџи Јован Шишков“, „Гарсија Лорка“ „Брсјачка буна“ и улицата „Нов Живот“. Вредноста на проектот е 72,6 милиони денари и тоа е највисоката сума што ја добива една скопска општина, додаде премиерот. За дел од улицата, каде што ќе се постави атмосферската канализација е предвидена реконструкција, за којашто Општината обезбеди средства преку Бирото за регионален развој. ки/сп/

Остани поврзан