• понеделник, 23 декември 2024

Заостануваме во модернизацијата на противпожарните единици во однос на регионот

Заостануваме во модернизацијата на противпожарните единици во однос на регионот
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) - Северна Македонија заостанува во модернизацијата на противпожарните единици во однос на регионот. Командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје Звонко Томески во разговор за МИА вели дека Хрватите, Грците и Бугарите уште многу одамна направиле големи вложувања во противпожарните единици, а многу пред нас се и Црногорците и Србите. Просечната старост на противпожарните возила со кои располага Територијалната противпожарна единица на Град Скопје е околу 30 години, а во возниот парк во функција е и едно возило од 1968 година. Томески вели дека ова возило, иако е старо, го одржуваат да биде во возна состојба затоа што е единственото за гаснење на пожари од лесно запаливи течности. - Возилата се со висока просечна старост од околу 30 години. Во однос на регионот, сите соседни држави направија модернизација. Хрватите и Црногорците се многу пред нас, Србите направија големи вложувања, а Бугарија уште пред многу години го направи тоа, појаснува Томески за МИА. Возниот парк на оваа најголема противпожарна единица во земјава е збогатен со две теренски возила од кои едното е набавено преку проект со УНДП, а другото од средствата што се обезбедуваат од осигурување на имоти. Следната година, Томески очекува да ги добијат и трите противпожарни возила за кои јавната набавка е во тек, а има најави и за едно ново противпожарно возило кое ќе биде донирано од Турција. - Имаме најава дека ќе добиеме едно ново противпожарно возило од Турција како донација. Знаеме дека тоа се високи средства и за Градот, но во рамки на можностите ја подобруваме ситуацијата, вели Томески. Минатата година во јуни беше набавено специјално возило со 45-метарска противпожарна скала која овозможува безбедно евакуирање на сите што живеат во објекти од 5-тиот кат нагоре. Заостануваме и во однос на кадровската екипираност на пожарникарските служби. Просечната старост на пожарникарите е сеуште доста висока, а за вработување на нови кадри се чека дозвола од Министерството за финансии. Во ТППЕ на Град Скопје на почетокот на годината се вработени нови 20-тина пожарникари кои ја поминале потребната обука и сега се вклучени во редовната работа на единицата, но, според Томески, одливот на кадар по основ на пензија е константен поради што е неопходно да се вработуваат нови луѓе. - Потребна ни е поддршка од централната власт која треба да ја сфати неопходноста од вработување во противпожарните единици. Очекувањата се дека би требало да имаме нови вработувања затоа што одливот ни е константен по основ на пензионирање. Потребни ни се нови вработувања, но функционираме во една ситуација каде што не е спроведена целосната децентрализација. Во 2005 година, единиците се децентрализираа и од МВР преминавме кон единиците на локална самоуправа, но она што изостана, а беше обврска, е финансиската децентрализација каде сите дополнителни трошоци кои ги имаа единиците на локална смаоуправа би се остапиле од централниот на локалниот буџет. Засега за секое ново вработување, единиците на локалната самоуправа треба да бараат и да добијат согласност од Министерството за финансии, а тоа е прилично рестриктивно, вели Томески. Идната година во ТТПЕ Скопје се очекува нов одлив на кадар кој ќе замине во пензија. Во моментот, во Територијалната противпожарна единица на Град Скопје се вработени околу 190 пожарникари, а согласно законските прописи, би требало да има околу 400. бак/лв/    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан