• понеделник, 23 декември 2024

Замрзнато финансирањето на нова електрана на јаглен во Полска

Замрзнато финансирањето на нова електрана на јаглен во Полска
Варшава, 14 февруари 2020 (МИА) - Полските државни енергетски компании Енерга и Енеа денеска го замрзнаа финансирањето за заедничката термоцентрала на јаглен, бидејќи не успеаја да соберат доволно пари од заемодавците загрижени за животната средина. Изградбата на термоцентралата од еден гигават во Остролека во североисточна Полска веќе почна, но Енерга и Енеа не успеаја да ја добијат целосната сума, бидејќи банките се обидуваат да не позајмуваат за вакви проекти поради загриженост за животната средина и одржливоста. Двете компании објавија дека го прекинале финансирањето на проектот, проценето на околу шест милијарди злоти (1,53 милијарди американски долари) како резултат на финансиските проблеми, европската политика за климата и промената на кредитната политика на Европската инвестициска банка (ЕИБ). Проектот бара подлабока анализа на техничките и економските параметри. Претходно, државната рафинерија ПКН Орлен, која планира да ја преземе Енерга, сигнализираше дека идната централа би можела да користи природен гас наместо јаглен. Остролека требаше да биде завршена во 2023 година, а до крајот на јануари пет проценти од работите беа завршени. Активистите за животна средина се против новата електрана, тврдејќи дека тоа ќе ја зголеми зависноста на Полска од јаглен и дека нема економска оправданост. гт/

Остани поврзан