• вторник, 05 ноември 2024

Заменик-министерката за животна средина се сретна со граѓаните од Кочани кои протестираат против загадувањето од „Пејпр мил“

Заменик-министерката за животна средина се сретна со граѓаните од Кочани кои протестираат против загадувањето од „Пејпр мил“
Кочани, 25 февруари 2022 (МИА) – Иницијативната група граѓани од Кочани кои протестираат против загадувањето на воздухот од компанијата „Пејпр мил“, доцна попладнево одржаа средба со заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска и со директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски, на која беа доставени барањата за преземање соодветни мерки против аерозагадувањето и решавање на повеќегодишното загрозување на здравјето на граѓаните во општината и регионот. Претставниците на Иницијативната граѓанска група нагласија дека е намалено трпението на јавноста и дека неопходно е да се донесат соодветни законски мерки. Најавија дека на 5 март е закажан голем граѓански протест пред фабриката „Пејпр мил“, како последно предупредување против нарушувањето на животната средина. - Бараме Министерството и Инспекторатот да направат ревизија на досегашното работење на фабриката за хартија, но и да се разгледа како е издадена А интегрираната дозвола со која таа во моментот работи. Причина за тоа е што со неа на „Пејпр мил“ му е дозволено максималната граница на испуштање штетни честички да биде 150 милиграми на кубен метар воздух, наместо 50, како што е според сите европски и меѓународни стандарди. Ќе поднесеме писмена иницијатива до надлежните овој параметар во најскоро време да се промени. Исто така, едно од нашите главни барања е производниот процес да продолжи, но наместо пелети, како енергенс да се користи метан, истакна Ефтимиј Атанасовски, граѓански активист од Кочани. Претставниците од Министерството и Инспекторатот нагласија дека барањата на граѓаните се легитимни и укажаа на институционално решавање на проблемот. - Здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина мора да бидат приоритет и воопшто нема компромис за овие прашања. Во наредниот период ќе се преземат сите мерки за институционално да се реши овој проблем, а сите субјекти кои имаат надлежност за тоа, очекувам да постапат и да ги видиме резултатите, истакна заменик министерката Оџаклиеска. та/фф/

Остани поврзан