• понеделник, 23 декември 2024

Заедничка изјава на претседателите на парламентите на земјите од Западен Балкан: Парламентарната дипломатија е мошне значајна во забрзување на процесот на проширување на ЕУ

Заедничка изјава на претседателите на парламентите на земјите од Западен Балкан: Парламентарната дипломатија е мошне значајна во забрзување на процесот на проширување на ЕУ
Скопје, 27 септември 2021 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска учествуваше на Состанокот на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан, кој се организира од страна на Националното собрание на Република Словенија, во рамките на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ на Брдо при Крањ. Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, Претседателот на Националното собрание на Република Словенија, Игор Зорчич, д-р Анже Логар, министер за надворешни работи на Република Словенија и Моника Грегорич, претседател на Комисијата за надворешна политика на Националното собрание на Република Словенија, го означија формалното отворање на состанокот со своите воведни излагања, по што следеа обраќањата на претседателите на парламентите од Западен Балкан, вклучително и на Џафери. Претседателот Пахор, како што соопшти собраниската прес-служба, изрази жалење што интеграцијата не оди според посакуваното темпо, кое е прашање не само на развојот на земјите од Западен Балкан, туку и на мирот и безбедноста. Словенечката определба е да се внесе свеж импулс на овој процес, со што ќе се искаже силна поддршка на европската перспектива на регионот. Овој процес е двонасочен, односно, земјите кандидати треба да ги исполнат бараните реформи, а земјите членки треба да го држат високо на европската агенда. Тој заклучил дека, билатералните прашања треба да се решаваат со пристап кој ќе има симболика на меѓусебно помирување, а не на раздвојување. Претседателот Зорчич, отворајќи ја темата за улогата на парламентите во враќањето на довербата за процесот на проширување на ЕУ, истакнал дека сме често сведоци на симплификацијата на функционалноста на парламентите како институции, која е покомплексна и претставува платформа на вкрстување на различните интереси на нашите граѓани и нивното индиректно парламентарно учество ја зајакнува легитимноста на донесувањето на одлуки. Тој повикал на забрзување на процесот на интеграција и зајакнување на неговата кредибилност и предвидливост од европска страна. Министерот Логар ја издвоил моќта на трансформација што ја има европската интеграција во земјите аспиранти за унапредување на владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата и социо - економските реформи. - Отворените прашања во регионот треба да се решаваат во духот на доверба и согласно меѓународното право и европското законодавство, порача Логар. Тој заклучил дека миграцијата, сајбер нападите и зелената и дигитална трансформација на економијата се приоритети и за земјите аспиранти и тие треба да бидат во основата на процесот на интеграција. Грегорич, пак, посочи дека, интересот на Унијата е стабилен регион кој има потенцијал и истиот треба да се признае и да се одржува и во текот на следните претседателства со Советот на ЕУ. Тоа уште повеќе ќе ја зајакне перспективата на Западниот Балкан и истовремено ќе ги елиминира дестабилизирачките влијанија на трети страни и ќе помогне во побрзо решавање на отворените прашања во регионот. Во Заедничката изјава усвоена на состанокот, учесниците ја поздравиле заложбата на Европскиот парламент кој обезбедува политичка поддршка на процесот на проширување и ја нагласијле потребата за стратешки приоритет на проширувањето од страна на Европската унија. Од нивна страна, било потенцирано значењето на парламентарната дипломатија во продлабочувањето на политичкиот дијалог за забрзување на процесот на проширување и заложбата на парламентите од Западен Балкан за зајакнување на регионалната соработка која придонесува за унапредување на довербата и промовирање на процесот на помирување во регионот. Во изјавата била посочена потребата од посебно внимание кон младите генерации и отворањето нови можности за нивно вклучување во програмите на ЕУ, создавање на работни места и преземање чекори за мотивирање на младите луѓе да живеат и работат во регионот. Во овој контекст, било препознаено значењето и потребата за вклучување на парламентите, граѓанското општество и другите релевантни актери во Конференцијата за иднината на Европа. Заедничката изјава, додаваат од собраниската прес-служба, ќе биде испратена до Европскиот парламент, Европската комисија, до учесниците на претстојниот самит ЕУ - Западен Балкан, како и до Конференцијата на спикери на парламенти на земјите членки на ЕУ (КСЕУ). мс/ац/

Остани поврзан