• понеделник, 23 декември 2024

Заев - Шмид: Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 е признание за политиките на соработка и дијалог

Заев - Шмид: Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 е признание за политиките на соработка и дијалог
Скопје, 22 октомври 2021 (МИА) - Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 е признание за политиките на соработка и дијалог, било посочено на средбата меѓу премиерот Зоран Заев и генералната секретарка на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Хелга Шмид, која денеска и утре е во посета на нашата земја. Како што соопшти владината прес-служба, на средбата на која присуствуваше и шефот на Мисијата на ОБСЕ во нашата земја, амбасадорот Клеменс Која, беше потврдена цврстата определба на Владата на Република Северна Македонија за заштита на човековите права, функционирањето на правната држава и посветеноста на продолжување на реформскиот процес, владеење на правото, подобрување на капацитетите на судскиот систем, јакнење на борбата против организираниот криминал и корупцијата и регионална стабилност и безбедност.
Соговорниците, како што е наведено во соопштението, се согласија дека продолжува заложбата за интензивирање на соработката меѓу Северна Македонија и ОБСЕ, како и помошта која земјата ја добива во реализацијата на реформските процеси и во насока на продолжување на демократските процеси и остварувањето на стратешките цели на земјата, како што е полноправното членство во Европската Унија и поттикнување на европскиот развој. На средбата се разговараше и за подготвителните процеси за идното претседавање на нашата земја со ОБСЕ во 2023 година, при што беше подвлечено дека тоа е признание за нашата држава. Беше истакнато дека мултилатерализмот е одлична платформа каде малите земји можат на дело да го покажат својот капацитет и да одиграат важна улога на меѓународната сцена. На средбата е поздравен придонесот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која дава поддршка и помага изминативе години да се спроведат реформските процеси. Беше најавено дека поддршката кон Северна Македонија на демократскиот пат продолжува, во насока на реафирмирање на посветеноста и поддршката за завршување на започнатите успешни реформи, важни за развојот на државата и зачувување на безбедноста и стабилноста на регионот. дма/са/

Остани поврзан