• понеделник, 23 декември 2024

Заев - Швенг: Северна Македонија е инспиративен пример за посветеност кон европеизација на општеството

Заев - Швенг: Северна Македонија е инспиративен пример за посветеност кон европеизација на општеството
Скопје, 1 октомври 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев денеска ја прими претседателката на Европскиот економски и социјален комитет Криста Швенг, која престојува во земјава по повод Форумот на граѓанското општество на Западен Балкан, што вчера и денеска се одржа во Скопје. Претседателката на Европскиот економски и социјален комитет Криста Швенг, се вели во соопштението од владината прес-служба, на средбата ја потврдила определбата за забрзување на процесот за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, што од Форумот во Скопје ќе биде вклучена во декларацијата на граѓанското општество од регионот и нагласи дека примерот на Република Северна Македонија е инспиративен заради големата посветеност што земјата ја манифестира за европеизација на своето општество и особено во делот на дијалогот со социјалните партнери и граѓанското општество. Заев, како што информираат од владината прес-служба, уште еднаш ја поздравил организацијата на Форумот, кој се одржа како подготвителен настан за Самитот на ЕУ за Западен Балкан што на 6 октомври во Словенија ќе ги собере шефовите на држави и влади на земјите членки и на земјите од регионот, и ја нагласи важноста на централната тема на форумот „Зајакнување на пристапниот процес - Кредибилна перспектива на ЕУ за Западен Балкан“. На средбата, на којашто присуствуваше и шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, амбасадорот Дејвид Гир, Заев нагласи дека очекува препораките од Форумот на граѓанските организации од Западен Балкан да бидат дел „од новиот импетус за поддршка на проширувањето на кој е толку неопходен за да се направат потребните чекори за деблокирање на проширувањето на ЕУ“. Заев потенцираше дека за Владата е апсолутно редовна практика дека во справувањето со заедничките предизвици и проблеми кои не се само политички, туку и економски и социјални, социјалните партнери и граѓанските организации имаат клучна и суштинска улога со нивното активно вклучување во креирањето на политиките, особено во делот на имплементацијата на „зелената агенда“ во согласност со директивите на ЕУ, се додава во соопштението. аа/сп/

Остани поврзан