• сабота, 16 ноември 2024

Завојуваните страни во Јемен постигнаа договор за двомесечно примирје

Завојуваните страни во Јемен постигнаа договор за двомесечно примирје
Дубаи, 2 април 2022 (МИА) – Завојуваните страни во Јемен, шиитските бунтовници Хути и владините сили, прифатија двомесечен прекин на огнот што почнува денеска, со можност за продолжување, соопштија денеска ОН. Провладините јеменски сили се поддржани од воената коалиција предводена од Саудиска Арабија, додека бунтовниците Хути се поддржани од Иран во војната што почна во 2014 година. - Завојуваните страни позитивно одговорија на предлогот на ОН за двомесечен прекин на огнот, кој ќе стапи на сила на 2 април во 19 часот по локално време, изјави претставникот на ОН во Јемен Ханс Грундберг, додавајќи дека постои можност за продолжување на прекинот на огнот. Страните се согласија да ги прекинат сите воени воздушни, копнени и поморски офанзиви во Јемен и во странство, рече Грундберг. Тој додаде дека страните, исто така, се согласиле да дозволат влез на танкери во пристаништата во провинцијата Ходеида и комерцијални летови на аеродромот во Сана со однапред одредени дестинации во регионот. ОН проценуваат дека од почетокот на конфликтот загинале околу 380.000 луѓе, а многумина загинале од последици на војната, како глад, болести и недостиг на вода за пиење. Светската организација претходно оцени дека земјата е во една од најтешките хуманитарни кризи во светот. јт/  

Остани поврзан