• вторник, 02 јули 2024

Жрепката за квалификациите за ЕУРО2024 утре во Франкфурт 

Жрепката за квалификациите за ЕУРО2024 утре во Франкфурт 
Нион, 8 октомври 2022 (МИА) – Германскиот град Франкфурт утре ќе биде домаќин на церемонијата на извлекувањето на составот на групите за квалификациите за пласман на Европското фудбалско првенство во 2024 година чиј домаќин ќе биде Германија. Во квалификациите ќе настапат 53 репрезентации кои ќе се борат за 23 места на завршниот турнир, а Германија како организатор веќе се квалификуваше и нема да учествува во жрепката. Русија поради суспензијата нема да настапи во евроквалификациите. Репрезентациите ќе бидат поделени во десет групи – седум со по шест, и три со по пет селекции. Победниците во десетте групи и десетте најдобро второпласирани репрезентации ќе обезбедат директен пласман на ЕУРО 2024, додека преостанатите три места ќе бидат пополнети преку плејоф. Квалификациите ќе се играат од март до ноември 2023 година. Македонија ја чека жрепката од четвртиот шешир и не може да биде во иста група со Турција, Грција, Бугарија, Грузија, Казахстан, Луксембург, Азербејџан, Косово и Фарски Острови. Преостанатите пет групи според квалитетот пред жрепка ги сочинуваат 1 – Италија, Шпанија, Хрватска, Португалија, Холандија, Белгија, Данска, Полска, Унгарија, Швајцарија. 2-Франција, Англија, Србија, Австрија, Шкотска, Финска, БиХ, Чешка, Велс, Израел. 3-Шведска, Украина, Норвешка, Република Ирска, Словенија, Исланд, Романија, Црна Гора, Ерменија, Албанија. 5-Словачка, Северна Ирска, Кипар, Естонија, Летонија, Литванија, Белорусија, Молдавија, Малта, Гибралтар. 6-Андора, Сан Марино, Лихтенштајн. ег/аа/

Остани поврзан