Жителите од велешки Тунел реагираа на одлуката да се исклучи Мониторинг станицата 2 за мерење на квалитетот на воздухот
- Жителите на велешката населба Тунел денеска реагираа на одлуката да се исклучи Мониторинг станицата 2 за мерење на квалитетот на воздухот.
Велес, 4 април 2023(МИА) -Жителите на велешката населба Тунел денеска реагираа на одлуката да се исклучи Мониторинг станицата 2 за мерење на квалитетот на воздухот.
Според жителите, со исклучувањето на оваа станица, од денеска и наредните денови, тие нема да ја знаат состојбата со концентрациите на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките. Тие изразија незадоволство и од Општина Велес која, како што велат, повеќе од два месеца, почнувајќи од 27 јануари годинава ја гради оваа главна улица. Посочија дека поради правот од механизацијата им е нарушено здравјето, отежнато е и движењето по тротоарите и улицата и секојдневно ги уништуваат своите возила по раскопаната улица.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) вчера преку соопштение информира дека е исклучена Мониторинг станицата Велес 2 за амбиентален воздух, сместена во градинката во населбата Тунел. Инструментите, како што наведуваат, покажувале превисоки вредности на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички поради реконструкција на улицата во непосредна околина на станицата. Според нив, измерените вредности на честичките ПМ 2,5 и ПМ 10 биле високи, но, сепак не биле реални оти причината била прашината.
-Бидејќи изворот на загадување е премногу блиску до станицата, измерените концентрации не ја даваат релевантната слика за квалитетот на воздухот во Општина Велес. Поради тоа и поради заштита на инструментите од прекумерните концентрации на прашина, ќе бидат исклучени до завршувањето на градежните работи, се вели во соопштението на МЖСПП.
Од Министерството истовремено препорачаа граѓаните да преземаат мерки да се заштитат од правот, а на Општина Велес ѝ порачаа „да преземе акција за побрзо да се заврши реконструкцијата на улицата, а во меѓу време да го задолжи изведувачот почесто да ја прска улицата со цел да биде постојано во влажна состојба“.
Катерина Николова од МЖСПП денеска за МИА информира дека Мониторинг станица Велес 2 не е целосно исклучена, само мерните инструменти за мерење на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките и додаде дека се мерат останатите параметри на амбиенталниот воздух.
Од Општина Велес, од Секторот за урбанизам и заштита на животната средина соопштија дека доколку има надминување на прагот на алармирање во текот на два последователни дена над 150 микрограми на метар кубен воздух ќе бидат преземени и дополнителни мерки за што јавноста ќе биде информирана на време. ад/мд/