• недела, 22 декември 2024

ЕУ не може да се усогласи околу гаранциите за членство на земјите од Западен Балкан

ЕУ не може да се усогласи околу гаранциите за членство на земјите од Западен Балкан
Брисел, 28 септември 2021 (МИА) - Европската унија, плашејќи се од политички реакции во земјите членки, веќе не може да се усогласи да даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји, иако тоа им беше ветено, објави Ројтерс, повикувајќи се на четворица дипломати и нацрт-декларацијата што се подготвува за самитот ЕУ-Западен Балкан. Има застој околу декларацијата за самитот на 6 октомври во Словенија, во која Европската унија требаше да го повтори ветувањето дадено пред 18 години за недвосмислена поддршка за европската перспектива на земјите од регионот. Државите членки не ги откриваат своите позиции по ова прашање, но според диломатите, богатите земји, како Данска, Франција и Холандија, стравуваат од повторување на брзото интегрирање како што беше со Бугарија и Романија во ЕУ во 2007 година. Стравуваат и од можно лошо менаџирање на миграцијата на работната сила, како што беше таа кон Велика Британија, што доведе до тоа многу Британци да бидат против ЕУ. Бугарија е против приклучување на Северна Македонија поради спорот околу јазикот, пишува Ројтерс и додава дека дури и да се дојде до некаков договор, лошата состојба ја одразува парализата на планот на ЕУ да изгради „прстен на пријатели“ од Украина до Тунис, нудејќи поблиски врски, трговија и помош. - Наместо тоа, Кина и Русија посегнуваат по инвестиции и влијание. Во јануари, Србија беше првата европска земја што прими кинески вакцини против ковид-19 за масовна имунизација. ЕУ, исто така, индиректно ги заострува тензиите во регионот од 20 милиони луѓе, бидејќи граѓаните од Балканот сонуваа да влезат во ЕУ уште по етничките војни во 90-тите години, кога Југославија се распадна, се вели во текстот на Ројтерс. Притоа се посочува дека претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен во Албанија, нејзината прва станица од посетата на земјите од Западен Балкан, рече дека Брисел останува на ветувањето дека иднината на Тирана е во ЕУ. - Но, кредибилитетот на ЕУ е нарушен, особено откако Франција и Холандија привремено го прекинаа процесот на проширување пред две години, а Бугарија сега го блокира. Косово и Србија се чувствуваат разочарани од САД, откако пред една година беа поканети во Белата куќа од тогашниот претседател Доналд Трамп да потпишат договор за нормализирање на економските односи, кој потоа пропадна. ЕУ не го одржа ветувањето дека ќе дозволи патување на луѓето од Косово без визи. Државите кои се залагаат за проширување, вклучувајќи ги Австрија, Италија, Хрватска, Словенија и балтичките земји, ги осудуваат Германија и Франција затоа што не ја притиснале Бугарија да го укине ветото. Напредокот на Албанија исто така е запрен затоа што е поврзан со Северна Македонија во процесот на проширување, пишува Ројтерс. Агенцијата ја пренесува и изјавата на Ројтерс Џон О'Бренан, експерт за интеграција во ЕУ на Универзитетот Мејнут во Ирска., кој вели дека „се додека има толку многу земји членки, кои од една или друга причина, веруваат дека натамошното проширување на ЕУ не е добро, тогаш навистина тоа не води никаде“.са/    

Остани поврзан