• понеделник, 23 декември 2024

ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје деновиве ќе најде полесен начин за склучување на договорите со граѓаните

ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје деновиве ќе најде полесен начин за склучување на договорите со граѓаните

Скопје, 17 октомври 2022 (МИА) - ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје во текот на наредните денови ќе проба да најде полесен начин како граѓаните да ги склучат новите договори за топлинска енергија, со оглед на тоа што во моментов на три пункта во Скопје, околу 60 илјади домаќинства треба да склучат нов договор, по преземањето на дејноста од компанијата БЕГ.

На трите пункта во Скопје се прават големи редици, а според сознанијата на МИА на граѓаните им се бараат имотни листови и други документ, иако првично беше соопштено дека е потребен само документ за лична идентификација и фактура (или копија) за топлинска енергија од претходниот снабдувач. На прашањето на МИА зошто не е пронајден друг начин, посовремен, дигитализиран или евентуално ставање во сандаче на новите договори, кои граѓаните би ги пополниле и испратиле до ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ, директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски изјави дека не сакаат да го отежнат процесот и оти наредните денови ќе пробаат да најдат полесен начин.

-Ќе бараме да се најде полесен начин како сите тие потрошувачи, којшто се голем број, околу 60 000 треба да склучат договори. Но во ова прилика да ги известам сите наши граѓани коишто се наши потрошувачи на топлинска енергија, да не се грижат иако се уште не се склучени договорите, ЕСМ ќе испорачува енергија. До крајот на месецов, ќе најдеме начин како и колку брзо да ги склучиме тие договори. Така да, новите сметки во ноември коишто ќе се однесуваат за месецот октомври, ќе ги добијат и притоа нема да има прекин на испорака на топлинска енергија, и тоа нема да ги загрижува граѓаните на Скопје, истакна Ковачевски.

Што се однесува до договорите коишто ги имаат потрошувачите во Градот Скопје, нагласи Ковачевски денеска испратиле соопштение до јавноста, во кое ги информирале сите потрошувачи дека треба да се склучат нови договори. 

-Истите немаат правно наследство, значи претходните договори, затоа што ние формиравме нова компанија за топлинска енергија и не е класично преземање на БЕГ од страна на АД ЕСМ. До колку така беше како преземање ќе можеше да ги преземеме и договорите. Со формирањето на новата компанија сега сите потрошувачи треба да склучат нови договори, затоа што треба да имаме должничко доверителски односи помеѓу АД ЕСМ и потрошувачот на топлинската енергија, нагласи Ковачевски.

ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје денеска соопшти дека новите договори за парно греење може да се потпишат на три пункта во Скопје со работно време од понеделник до петок од 08 до 18 часот и сабота од 9 до 13:30 часот: пункт Центар, на ул.„Кочо Рацин“ бр.33 кај Олимписки базен, пункт Исток, на ул. „Јане Сандански“ бр.49 во населба Аеродром и пункт Запад на улица „Лондонска“ бр.8 во населба Тафталиџе. Новиот носител на лиценца издадена од Регулаторната комисија за енергетика, кој има обврска да ги снабдува потрошувачите со топлинска енергија во согласност со лиценцата, Законот за енергетика и актите кои ги носи РКЕ воедно порачува дека испораката на топлина нема да биде прекината. -За таа цел потрошувачите на чии име се води парното греење во домот/објектот, потребно е да се обратат во пунктовите на ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, каде во куса постапка ќе им биде приложен на потпис Договор со новиот снабдувач, кон кого ќе ја имаат обврската за плаќање на услугата. Договорот е ист како и досега, и е одобрен од Регулаторната комисија за енергетика. За склучување на договорот  потребно е да се понесе документ за лична идентификација и фактура (или копија) за топлинска енергија од претходниот снабдувач, информираат од ЕСМ. Оттаму исткнуваат дека корисниците можат веднаш да пристапат кон пунктовите со цел склучување на договорите. Напоменуваат дека ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје ќе им овозможи на граѓаните соодветен временски период за регулирање на обврската и доколку од различни причини корисниците не успеат да склучат нов договор до крајот на месецот, греењето непрекинато ќе се испорачува и во ниеден момент испораката нема да биде загрозена. Корисниците кои нема да ги склучат договорите по овој повик, ќе бидат контактирани  од снабдувачот ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, со цел да се изнајде термин соодветен за потрошувачите за склучување на договорот, со оглед на тоа што одредени корисници може да бидат отсутни во следниот период, или од различни лични, здравствени и други причини да не можат да се јават на пунктовите. -ЕСМ Снабдување ќе воспостави директни контакти, додека за корисниците кои не можат да ги напуштат своите домови ќе им излезе во пресрет и ќе им овозможи Договорот да го склучат во нивниот дом. Поради повеќе прашања пристигнати до Службата за грижа на корисници ги информираат корисниците дека не е правно возможно преземање на постоечките договори со претходниот снабдувач, односно е единствено можно да се склучат нови договори, информира ЕСМ и најавува дека новиот снабдувач во следниот период ќе воспостави и сопствен систем за он лајн наплата. ац/дма/

Остани поврзан