• недела, 22 декември 2024

„Епл“ треба да плати 13 милијарди евра на име неплатени даноци, реши Судот на правдата на ЕУ 

„Епл“ треба да плати 13 милијарди евра на име неплатени даноци, реши Судот на правдата на ЕУ 

Брисел, 10 септември 2024 (МИА) - Европскиот суд на правдата денеска одлучи дека американскиот технолошки гигант „Епл“ ќе мора да плати 13 милијарди евра на име неплатени даноци. 

Пресудата е донесена во врска со жалбата на „Епл“ и Ирска на одлуката на Европската комисија од 2016 година со која се бара од американската компанија, чие седиште за ЕУ е во ирскиот град Корк, „да врати 13 милијарди евра“, сума што „ја заштедила“ благодарение на даночните олеснувања предвидена со ирското законодавство. 

Според Комисијата, со примена на ирските закони „вештачки е намален даночниот товар“ на „Епл“, со што се прекршени правилата на ЕУ. Дополнително, ваквата одлука на ЕК беше оцената како оквалификување на Ирска како „даночен рај“. 

Еврокомисијата во својата одлука тврди дека преку филијалата во Ирска, „Епл“ плаќа многу помал данок на дел од приходите остварени во Африка, Европа, Индија и на Блискиот Исток. 

Американскиот технолошки гигант ги отфрли ваквите обвинување, нагласувајќи дека плаќа даноци во САД и дека е еден од најголемите даночни обврзници во светот. 

По ова, „Епл“ и ирската Влада поднесоа жалба против одлуката на ЕК до Општиот суд на ЕУ, кој во јули 2020 година го поништи решението на Комисијата. По ова следуваа жалби до највисок суд во ЕУ, Судот на правдата, кој ја донесе денешната пресуда. 

- Судот на правдата ја поништува пресудата на Општиот суд и носи конечната пресуда за ова прашање, потврдувајќи ја одлуката на Комисијата, соопшти Судот, потврдувајќи дека „Епл“ ќе треба да плати 13 милијарди евра. 

Еврокомесарката за конкуренција Маргрете Вестагер оцени дека ваквата одлука на Судот на правдата претставува „голема победа за Комисијата, за европските граѓани, за еднаквите услови на внатрешниот пазар и за даночната правда“. 

- Судот на правдата го потврди пристапот на Комисијата дека... „Епл“ треба да плати даноци во вредност од 13 милијарди евра на профитите во Ирска, изјави денеска Вестагер на прес-конференција во Брисел посветена на одлуката на Судот. 

Таа посочи пример дека во 2011 година подружницата на „Епл“ во Ирска остварила профит од приближно 16 милијарди евра, но благодарение на ирското даночно законодавство платила данок од „само околу 50 милиони евра“.   

Претставник на „Епл“, пак, изрази разочарување од ваквата одлука. Во реакција на пресудата, тој истакна дека Општиот суд ги разгледал фактите и категорично ја поништил одлуката на Европската комисија. 

Експертите проценуваат дека одлуката на Судот на правдата може да факто да се протолкува како признание дека Ирска претставува даночен рај во ЕУ за високотехнолошките компании.  

Во 2019 година Европскиот парламент усвои извештај во кој беше оценето дека високиот удел на странски директни инвестиции од технолошкиот сектор во Ирска, се должи на обидите за „користење на дупките во даночното законодавство“ на земјата. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан