• среда, 20 ноември 2024

Емоционална исповед на Азаренка: Падот беше многу болен

Емоционална исповед на Азаренка: Падот беше многу болен
Њујорк, 11 септември 2020 (МИА) - Викторија Азаренка по седум години успеа да се пласира во финалето на УС Опен. Белоруската тенисерка беше најдобра на светот, но следеше голем пад, по што сепак најде начин да се врати на врвот. Во полуфиналето од годинашното натпреварување, таа ја победи Серена Вилијамс со 1:6, 6:3, 6:3. - Многу работи се сменија за седум години. Во текот на таа 2013 година, веќе го имав Австралија опен во моите раце, играв добро, континуирано, бев број еден. На некој начин се очекуваше да одам далеку на секој турнир. Мислев и дека сум недопирлива, изјави Азаренка. Како што додаде таа, ова се многу опасни ситуации. - Падот беше многу болен. Научив многу работи, особено дека тоа што сум тенисерка не ме прави подобра или полоша личност. Сега сум зрела во секој поглед. Се чувствувам поисполнето, посреќно отколку во тој период. Нема повеќе голема напнатост, притисок и тоа помага, вели таа. Белорусинката е во серија од 12 победи. Пред почетокот на УС Опен, таа го освои „Мастерсот“ во Синсинати. Големата самодоверба и овозможи да се врати од минус и да ја надмине носителката на 23-та Гренд слем титули. - Работата сè уште не е завршена. Осака е моќен тенисер, со силни удари. Голем шампион. Ќе биде одличен натпревар, во кој двете ќе ја бркаме третата Гренд слем титула, заврши Азаренка.

Тагови

Остани поврзан