• понеделник, 23 декември 2024

ЕК сака поголема интеграција на царинската унија во ЕУ

ЕК сака поголема интеграција на царинската унија во ЕУ
Брисел, 31 март 2022 (МИА) – Европската Комисија денеска предлага серија препораки до земјите членки на ЕУ за да се зајакне царинската унија, јави дописничката на МИА од Брисел. Врз основа на извештај на експертска група задолжена од страна на еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони, Европската Комисија препорачува да се усвојат низа мерки за да се подготви Европската Унија за идните предизвици со кои ќе се соочи во областа на трговијата, животната средина, технологијата, во услови на влошена безбедносна состојба во Европа поради војната во Украина. Препораките се однесуваат од една страна на формални и легални точки како на пример етаблирање на една единствена Агенција за царина во ЕУ, за да се надмине фрагментацијата на царинските политики, кои се разликуваат од земја членка од земја членка на ЕУ. Но, се препорачува и да се отстрани прагот од 150 евра за изземање од царински обврски за електронска трговија, или пак царинските контроли да се фокусираат на начинот на кој работат економските оператори, наместо на трансакциите. Извештајот инсистира исто така и на важноста да се етаблира заеднички список на забрани и рестрикции, бидејќи тие не се исти во секоја земја членка на ЕУ, што, според Европската Комисија, ја ослабнува царинската унија.  Комисијата денеска објавува и список на забрани и ограничувања на ниво на ЕУ кој треба да послужи како алатка за земјите членки. За еврокомесарот Џентилони овие реформи на модернизација се дотолку поважни во миг кога царината игра важна улога во имплементирање на санкции кон трети земји, последно Русија и Белорусија, како и во зајакнувањето на европската стратешка автономија. тм/ми/

Остани поврзан