• вторник, 02 јули 2024

Експлозии на полициски полигон предизвикаа пожар во Берлин, прекинат железничкиот и патен сообраќај

Експлозии на полициски полигон предизвикаа пожар во Берлин, прекинат железничкиот и патен сообраќај
Берлин, 4 август 2022 (МИА) - Пожар изби утринава во Берлин, по неколку експлозии на полицискиот полигон за уништување и складирање експлозивни направи, а потоа се прошири на околната шума Груневалд на југозападниот дел од градот. - Пожарот се прошири на површина од еден и пол хектар. И понатаму не е под контрола, изјави портпаролот на берлинската противпожарна служба. Гаснењето на пожарот го спречуваат и други експлозии, предизвикани од него. Пожарникарите сведочат за големи метални предмети што паѓаат во околната шума, по секоја експлозија. Засега не е познато што ја предизвикало првата експлозија на полигонот. Полицијата на ова подрачје среде шумата Груневалд складира и уништува експлозиви и пиротехнички средства. „Ситуацијата е непрегледна, пожарот и понатаму не е под контрола и затоа ги предупредуваме граѓаните да го избегнуваат ова подрачје“, соопшти противпожарната служба. Берлинскиот Сенат, владата на федералната покраина Берлин, изрази загриженост затоа што пожарот поради долготрајна суша и сува вегетација може брзо да се прошири. На новинарско прашање, околу постоењето полигон за уништување експлозивни средства среде шума, портпаролот на Сенатот одговори дека со тоа прашање ќе се позанимава „откако пожарот ќе биде изгаснат“. Поради пожарот, прекинат е железничкиот и патниот сообраќај на важни патни правци од југозападниот дел кон центарот на Берлин. Изминатите денови во Берлин и околината се забележани невообичаено високи температури. За денеска се најавени 38 степени. бд/сд/

Остани поврзан