• понеделник, 23 декември 2024

Египет стравува од масовен наплив на бегалци по повикот на Израел за евакуација на цивилите од Газа

Египет  стравува од масовен наплив на бегалци по повикот на Израел за евакуација на цивилите од Газа

Каиро, 13 октомври 2023 (МИА) – Денешниот повик на Израел за евакуација на половината од населението на Појасот Газа кон јужниот дел од палестинската енклава ги зголеми стравувањата на Египет од масовен прилив на бегалци преку границата, која е обезбедена од илјадници египетски безбедносни сили.

Откако саботниот напад на палестинската екстремистичка група Хамас предизвика силна израелска одмазда во Газа, египетското раководство френетично се обидува да преговара за влез на хуманитарна помош од Египет на палестинската територија, делумно со надеж дека ќе спречи егзодус на Палестинците на Синајски полуостров. 

Египетските власти велат дека Израел не одговорил на нивните напори.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се очекува да го посети Каиро за време на викендот, а египетските власти се очекува да разговараат со него за влезот на хуманитарна помош од Египет во Газа преку преминот Рафа.

Израел го блокираше Појасот Газа, запирајќи го влезот на храна, вода, лекови и гориво за 2,3 милиони Палестинци на територијата, која истовремено силно ја бомбардираше од саботата.

Како резултат на тоа, преминот Рафа остана единствениот можен начин за влез во Газа, но тој вчера беше затворен од египетските власти поради континуираните израелски воздушни напади на палестинската страна на преминот. Камиони со хуманитарна помош останаа на египетската страна на преминот.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси вчера повика на пристап до Газа преку преминот Рафа, но ја отфрли можноста да се дозволи голем број Палестинци да влезат во Египет, наведувајќи дека „важно е палестинскиот народ да преживее на својата земја“ и укажа дека во Египет веќе има околу девет милиони бегалци.

Бројот на бегалци во Египет годинава се зголеми бидејќи 300.000 Суданци влегоа во земјата, бегајќи од војната во својата земја. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан