• сабота, 23 ноември 2024

Европскиот Совет и Парламент ги усогласија новите правила за намалување на емисиите на метан   

Европскиот Совет и Парламент ги усогласија новите правила за намалување на емисиите на метан   

Брисел, 15 ноември 2023 (МИА) - Советот на ЕУ и Европскиот парламент рано изутринава постигнаа привремен политички договор за Регулативата за следење и намалување на емисиите на метан во енергетскиот сектор, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Како што изјави шпанската вицепремиерка и министерка за еколошка транзиција и демографски предизвици Тереза Рибера Родригез овој договор претставува „големо достигнување“ и ќе помогне во остварувањето на климатските цели на ЕУ. 

- Текстот има клучен придонес за климатските активности, бидејќи метанот е значаен стакленички гас, веднаш по јаглерод диоксидот во неговиот севкупен придонес кон климатските промени и е одговорен за една третина од сегашното глобално затоплување, истакна Рибера Родригез. 

Согласно постигнатиот договор се предвидуваат нови барања за мерење, известување и потврдување на емисиите на метан во секторите за експлоатација на нафта, гас и јаглен, како и воведување мерки за избегнување на ослободувањето на гасот. 

Регулативата ги обврзува компаниите за експлоатација на фосилни горива до надлежните органи да доставуваат периодични извештаи за емисиите на метан на ниво на активен енергетски извор, како и од затворени или напуштени рудници на јаглен.  

Надлежните органи, пак, мора да вршат периодични инспекции за да ја проверат усогласеноста на операторите со барањата утврдени во регулативата. Првата проверка мора да биде завршена најдоцна 21 месец по датумот на стапувањето во сила на регулативата, а терминот за секоја следна инспекција треба да се заснова на проценка за ризиците по животната средина, безбедноста на луѓето и јавното здравје, но не смее да биде подолг од три години. Доколку се утврди сериозно прекршување на барањата на регулативата, нова проверка мора да се изврши во рок од една година. 

Европската комисија се обврзува во рок од 12 месеци по стапувањето во сила на регулативата да донесе акт со кои ќе ги одреди дозволените нивоа на истекување на гасот при стандардни температура и притисок. 

Во однос на неактивните или напуштени извори на енергенси се предвидува изработка на регистар за нивна евиденција, а нивните сопственици треба да доставуваат податоци дека од нив нема емисии на метан доколку нивната активна експлоатација престанала пред помалку од 30 години. Во однос на затворените или напуштени рудници за јаглен, обврската за доставување на податоци ги опфаќа сите окна или копови кои престанале со работа пред помалку од 70 години. Исклучок од ова се предвидува за рудниците кои се целосно поплавени пред повеќе од 10 години. 

Регулативата ќе се спроведува во три фази, при што во првата ЕУ ќе се фокусира на собирање податоци и создавање на глобална алатка за следење на емисиите на метан и на механизам за брза реакција, а во втората и третата фаза, компаниите треба да ги применат мерките за следење, известување и верификација до 1 јануари 2027 година и за ограничување на максималните вредности на емисиите на метан до 2030 година.  

Надлежните органи ќе имаат овластување да изрекуваат административни казни доколку компаниите не ги почитуваат одредбите од регулативата. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан