• сабота, 23 ноември 2024

Европскиот ден на органодарителството посветен на семејствата на донаторите на органи

Европскиот ден на органодарителството посветен на семејствата на донаторите на органи
Скопје, 13 октомври 2021 (МИА) - Изминатите години интензивно работевме да се зајакне системот на трансплантација на органи, кој е многу комплексен процес, во кој парципиентите - лекарите се врвни експерти, што на некој начин ја прави круната во медицината, и во секој здравствените системи вклучително и нашиот, изјави министерот за здравство Венко Филипче на одбележувањето на Европскиот ден на органодарителството, кој оваа година е посветен на семејствата на донаторите. - Интензивно работевме да се зајакне тој систем, што е тренд во сите развиени држави. Поради тоа пристапивме системски. Најпрво се измени програмата за трансплантација за 2019 година, се ажурираа листите на пациентите на кои им беа потребни органи-бубрезите, во делот на Клиниката за нефрологија, која со години наназад работи во оваа сфера и има долгогодишно искуство. Клиниката за кардиологија, кога пред две години, заедно со Клиниката за кардиохирургија, почнавме со трансплантација на срце, свесни дека побарувачката за срце е многу поголема од оние кои можевме да ги добиеме од починат донатор, истакна Филипче. Тој ги наброја и интервенциите направени со Клиниката за дигестивна хирургија и гастроентерохепатологија, во делот на идентификување на пациенти на кои им е потребна трансплантација на црн дроб, како и активностите на клиниките за пулмологија и торакална хирургија за евидентирање на лица за трансплантација на бели дробови. - Паралелно на тоа, зајакнување на електронски систем и ажурирање на електронските листи, како и воведување на електронски регистар на приоритизација врз основа на соодветни критериуми. Сето тоа не доведе во ситуација во екот на ковид-кризата, ние видовме една шанса, минатата година во мај, кога првпат имавме семејство кое се согласи да дарува срце и други органи за трансплантација и тогаш првпат беше изведена мултиорганска катаверична трансплантација на нашата земја, рече Филипче, додавајќи оти оттогаш системот дополнително бил зајакнат и надграден. - Препознавме дека за некои пациенти нема алтернатива и дека се дарува живот по смртта, ако ние со нашата реорганизација и дополнителна организација на сите капацитети и експерти направиме да функционира системот, и сè што значи трансплантација на срце и други органи, мора да значи стриктно придржување на протоколите, правење на соодветна типизација, сместување на пациентите, посебни тимови за експлантација и за трансплантација. И сакам сега да изразам благодарност и честитки до колегите кои беа вклучени во овие процеси, нагласи министерот за здравство, кој потенцира дека и покрај ковид-кризата лекарите нашле екстра ентузијазам и желба да сторат нешто што е тешко да се направи и без пандемија. Филипче вели дека тогаш профункционирал и системот за трансплантација. - По првата трансплантација на срце, направени се осум дијагностицирања на мозочна смрт и направени сè уште пет трансплантации на срце и 17 бубрези, рече министерот, нагласувајќи дека така им бил спасен животот на пациентите. Покрај трансплантацијата на органи, министерот истакна дека напредок е постигнат и за трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител, за што претходно пациентите се испраќале во странство. - Направени се 35 такви трансплантации. Ние сме дел од светскиот регистар за коскена срцевина, што значи, нашите крводарители можат да даруваат крв и кој било пациент во да биде соодветен примател, но и обратно, објасни министерот, кој рече за прв пат имаме банка за коскена срцевина. Тој им се заблагодари на сите амбасади кои помогнале во зајакнување на системот за трансплантација на органи и коскена срцевина. Националната координаторка за трансплантација доц. д-р Маја Мојсова Мијовска и специјалистот хематолог д-р Ирина Пановска-Ставридис изразија огромна благодарност до семејствата кои во најтешките мигови одлучиле да ги донираат органите на нивен близок починат, со што спасиле животи на други. На одбележувањето на Европскиот ден на органодарителството во хотелот Лимак, на кој присуствуваа и членови на семејствата на починатите донатори, беше презнтирано и видео за сето она што било сторено изминатиот период. ир/сп/

Остани поврзан