• понеделник, 23 декември 2024

Европската економска зона е прифатлива, но само како дополнение кон полноправното членство во ЕУ, вели Пендаровски за МИА

Европската економска зона е прифатлива, но само како дополнение кон полноправното членство во ЕУ, вели Пендаровски за МИА
Скопје, 15 јануари 2021 (МИА) - Европската економска зона е прифатлива само доколку биде дополнение и меѓузона кон нашето полноправно членство во Европската Унија, порача претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски во интервју за МИА. Шефот на државата дава коментар на написот кој излезе во германски ФАЦ, а според кој реалните шанси земјите од Западниот Балкан да добијат полноправно членство во ЕУ се сведени на минимум, а старо-новата алтернатива која се нуди е членство во Европската економска зона. - Значи ставот е - не ми го ускратувајте членството во ЕУ еден ден како перспектива, кога ќе заслужиме, кога ќе испреговараме. Денес да влеземе во Европската економска зона, но не или-или, туку и-и, вели Пендаровски за МИА. Шефот на државата потенцира дека Европската економска зона нуди економски можности и не отвора кон заедничкиот европски пазар, но нам не ни треба само економија и профит, туку демократија и политичко искуство. - Пред да влезам на интервјуто со вас прочитав еден авторски текст во еден влијателен германски весник, кој цитира некои влијателни германски парламентарци од ЦДУ, владејачката партија, кои велат дајте на целиот Западен Балкан ако веќе од икс-причини, од различни причини ги кочиме на тој пат и како пример го зема нашето последно блокирање кон Европа, вели дајте да им дадеме Европска економска зона. Меѓутоа јас да ја повторам формулацијата, која е прилично прецизна кога зборуваме за таа дихотомија Европска економска зона и ЕУ - само ако биде дополнение и ако биде меѓузона кон нашето полноправно членство. Инаку ако нè остават само во заедничкиот европски пазар и да кажат збогувајте се за век и веков со ЕУ и полноправното членство и во политичките институции каде што треба да се слуша нашиот глас..., нагласува Пендаровски. Тој додава дека и Хрватска го минала патот преку Европската економска зона, но земјата никогаш не престанала да преговара со ЕУ и никогаш не и била понудена само првата опција, како замена за полноправно членство. - Хрватска никогаш не престана и Хрватска влезе. Нека ни го дадат тоа нам. Така што јас не велам дека тоа е лоша опција, напротив, меѓутоа тврдам дека нам поради овој недостиг на институционална меморија и демократско искуство претходно, нам ни треба и политичкото искуство и демократските вредности ни требаат, на пример човековите права, не се за занемарување. Ние не можеме од сабајле до вечер да мислиме само за бркање профит и делење дивиденди на крајот на годината. Значи не може само економската страна на живејачката да нè интересира. Што околу човековите слободи и права. Во Европската економска зона немате никаква дискусија, ниту дебати околу слобода на медиуми. Јас мислам ним им е потребна дебата, и на целиот Балкан, вели Пендаровски во интервјуто за МИА, кое целосно ќе биде емитувано утре. да/ац/

Остани поврзан