• недела, 22 декември 2024

Еврокомисија: Намалување на потрошувачката на струја и дополнително оданочување на енергетскиот сектор

Еврокомисија: Намалување на потрошувачката на струја и дополнително оданочување на енергетскиот сектор
Брисел, 13 септември 2022 (МИА) - Еврокомесарката за енергетика Кадри Симсон денеска пред Европскиот парламент најави дека Комисијата ќе предложи обврзувачка цел за намалување на потрошувачката на електрична енергија и дополнително оданочување на енергетскиот сектор, за да се намали притисокот врз домаќинствата и компаниите кои се соочуваат со рекордни цени на енергијата. „Побарувачката за струја мораме да ја решиме на паметен начин. Важно е да се наметне обврзувачка цел за намалување на потрошувачката кога таа е најголема“, рече Симсон на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур, истакнувајќи дека став на Комисијата е оти земјите-членки треба да имаат флексибилност во креирањето мерки. Таа напомена и дека Комисијата ќе предложи дополнително оданочување на компаниите што произведуваат електрична енергија. „Ова се вонредни околности и сметаме дека енергетскиот сектор треба да даде свој придонес. Секторот за нафта и гас прави огромни профити и мора да покаже солидарност“, посочи Симсон, додавајќи дека средствата од таквото оданочување може да се искористат за помош на ранливите сектори или за инвестирање во „чиста технологија“. „Не постои волшебно стапче што ќе ги врати цените на предвоените нивоа, но можеме да го намалиме притисокот и да им помогнеме на граѓаните со овој пакет“, додаде таа. Еврокомисијата утре треба официјално да го претстави целиот пакет мерки за сузбивање на рекордно високите цени на гасот и струјата. Се очекува на 30 септември на состанокот на министите за енергетика да постигнат договор, а како основа за преговори ќе послужи предлогот на Комисијата. Откако Европската унија воведе санкции кон Русија поради инвазијата на Украина, Русија ги намали испораките на гас кон земјите од Европската унија, кои се обидуваат да го заменат рускиот гас до одреден степен со зајакнување на капацитетите на терминалите за течен гас и преку увоз на гас од Азербејџан и Северна Африка. На почетокот на септември рускиот енергетски гигант „Газпром“ објави дека го затвора гасоводот „Северен тек 1“ на неодредено време, тврдејќи дека тоа е поврзано со тешкотии во сервисирањето на гасоводот поради санкциите. Според нацртот до кој стигнаа агенциите, Европската комисија предлага дополнително оданочување на профитот на ветерниците, соларните и нуклеарните централи, како и електраните на биомаса и отпад. Комисијата ќе предложи и мерки за зголемување на ликвидноста на енергетските компании, но не и воведување максимална цена на гасот, за што се залагаа Полска и Италија. Симсон не беше конкретна кога го образложуваше воведувањето плафон за цената на гасот увезен од Русија. „Сметаме дека ограничувањето на снабдувањето со гас што доаѓа од руските ресурси, исто така, ќе доведе до подобрувања, но останува да се види како тоа ќе влијае на земјите-членки кои зависат од рускиот гас“, рече таа. аб/

Остани поврзан