• понеделник, 23 декември 2024

ДСР не ги признава резултатите од пописот

ДСР не ги признава резултатите од пописот
Скопје, 16 јуни 2022 (МИА) - Претседателот на партијата Демократски сили на Ромите, Шабан Салиу, на денешната прес-конференција изјави дека не ги признава резултатите од пописот од 2021 година, и посочи дека неговата партија бара повторување на пописот. - Кај ромската заедница значително е намалена бројката во поглед на граѓани кои живеат во Република Македонија, односно државјани на Република Македонија, истакна Салиу. Додаде дека во 2002 година ромската заедница во земјава била застапена со 53,789 граѓани, додека со последниот попис бројот на граѓаните од ромска заедница изнесува 46,433. - Не ги признаваме овие резултати од пописот бидејќи цифрите, односно бројките кои се изнесени со пописот од 2021 година, не ја потврдува објективно, правилно и вистински бројката кај ромската заедница, рече претседателот на ДСР. Повикувајќи се на партиските анализи, Салиу рече дека во земјава има од 105 до околу 110 илјади, а од друга страна, како што рече, според статистиките Ромите имаат најголем наталитет во државата. - Според овие податоци испаѓа дека Роми не се раѓале, односно наталитетот бил минимален, само умирале Ромите, што не е точно. Сметаме дека со оваа бројка е направен егзодус врз Ромите, потенцираше Салиу. Додека во однос на изборниот модел, рече дека неговата партија го поддржува моделот за една изборна единица. - Така ќе можеме да ги валоризираме сите наши граѓани, односно членови на нашата политичка партија, и ќе можеме, независно од поголемите политички партии дали ќе бидеме во коалиција со нив, самостојно да избереме наши претставници, односно пратеници во Собранието на Република Македонија, посочи Салиу. Тој најави дека неговата партија, со оглед на сите случувања во земјата меѓу коиги спомна енергетската, економската криза, и лошото справување со пандемиската криза, како партнер на коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе се придружува на протестите на ВМРО ДПМНЕ што ќе се одржат на 18 јуни.сх/са/

Остани поврзан