• вторник, 29 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

До 5-ти мај отворена изложбата „Еден од нас“ на Иван Ивановски во Лингнан Музејот во Гуанџоу, Кина

До 5-ти мај отворена изложбата „Еден од нас“ на Иван Ивановски во Лингнан Музејот во Гуанџоу, Кина

Скопје, 10 април 2025 (МИА) - До 5-ти мај ќе биде отворена изложбата „One of Us“ (Еден од нас) на македонскиот уметник Иван Ивановски во Меморијалната сала и изложбениот излог на Музејот за сликарство на школата Лингнан, Академија за фини уметности (GAFA) во Гуанџоу, Кина.

-Еден од нас. Една фигура се издвојува од останатите - фокусна точка, аномалија. Се поставува прашањето: Дали е ова еден од нас? Или еден од нив? Кои сме ние? Кој е тој? Кој сум јас? Самосвеста води до диференцијација, процес на индивидуација, изолација во адолесценција и реинтеграција во зрелоста. „Еден од нас“ е интерпретација на вклучувањето и одвојувањето, постојаното редефинирање на себе во однос на другите, поставува прашања за идентитетот и припадноста. Силуетата е мотив што се повторува, визуелна и концептуална нишка која ги поврзува различните дела, посочува Ивановски за изложбата.

Тој додава дека отсуството на специфики му дозволува му на гледачот да ги проектира сопствените значења и наративи на фигурата.

-Делата зборуваат за перцепцијата на поединците во еден колектив, како може да се биде и дел од толпата и одвоен од неа. Силуетата претставува парадокс: присуство и отсуство, од анонимен, занемарен или избришан, до функционален и интегриран ентитет. Силуетата е симбол на секого, а со тоа, ја истакнува тенката линија помеѓу личниот и колективниот идентитет, нагласува Ивановски.

„Еден од нас“ е дел од проектот „In Between“ кој ќе биде изложен во Музејот на уметност „Сан Та“ во Гуанџоу, Кина во ноември 2025 година. фф/дма/

Фото: Архива на Иван Ивановски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан