• сабота, 21 декември 2024

Донесена нова уредба за субвенционирани летови

Донесена нова уредба за субвенционирани летови
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) - Владата денеска донесе нова Уредба за начинот и критериумите за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници во наредните две години и потребната документација којашто треба да се достави од  корисниците на тој вид поддршка. Како што соопшти владината прес-служба, на седницата е донесена Програмата за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија на домашни и странски превозници, за периодот од 2023-2025 година. -Согласно овие одлуки, Владата, преку Министерството за транспорт и врски, во следниот период, ќе распише јавен повик за доделување финансиска поддршка за авиокомпании коишто ќе воведат нови авиодестинации за граѓаните.Овозможувањето патувања до дополнителни одредишта во Европа и во светот ќе значи и отворени можности за економски развој, унапредување на туризмот и запознавање и соработка помеѓу граѓаните и бизнис секторот од нашата држава и од други држави, велат од Владата. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски неодамна во интервју за МИА  информираше дека до Владата  на разгледување е доставена нова уредба со која е дефинираше нов модел за распределба на финансиска поддршка за авиолинии. Субвенции за летови, како што рече, ќе има според правилата за државна помош на Европската унија. -Ќе може да се вклучат што е можно повеќе оператори и да не се врзуваме само за еден. Исто така го ограничуваме интензитетот на субвенционирање како што налага и бара Европската комисија, се со цел да овозможиме што повеќе дестинации за граѓаните и да го развиеме авиосообраќајот. Предност ќе имаат авиокомпаниите што ќе понудат поголеми воздухоплови, директни линии до поголеми аеродроми и повеќе летови неделно. Во договорот ќе стои дека операторот ќе треба да ги опслужува линиите и по истекот на договорниот рок за период колку што добивал државна поддршка, рече Бочварски. Последниот од трите договори за субвенционирани летови што на тендер ги доби унгарскиот нискобуџетен авиопребвозник „Виз ер“ заврши на 1 март годинава. Во 2019 година за субвенционирани летови се исплатени 66.584.935 денари, во 2020 година 21.098.924 денари, во 2021 година 10.475.649 денари, а годинава не се исплатени средства. Со зимскиот распоред на летови  што стапи во сила на 30 октомври од скопскиот аеродром има вкупно 41 дестинација, до каде ќе летаат 13 авиокомпании, а на охридскиот аеродром седум редовни дестинации со четири авиокомпании. На двата аеродрома во државава од јануари до крајот на септември годинава се превезени над 1,8 милиони патници (1 811 168) и се реализирани 14.823 летови.лв/са/  

Остани поврзан