• понеделник, 23 декември 2024

Дождот добредојден за земјоделските култури и за акумулирање на водата по сушниот период

Дождот добредојден за земјоделските култури и за акумулирање на водата по сушниот период
Прилеп, 11 јануари 2021 (МИА) - Дождот во пелагониско-прилепскиот регион не претставува никаква опасност за посевите, напротив, добредојден е, а чисти се и каналите, па нема никакви проблеми, вели раководителот на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделското производство во Прилеп, Горан Томески. - Дождовите во Пелагониско-прилепскиот регион во моментов не претставуваат никаква опасност зашто есенва имавме долг сушен период. Сега не предизвикува никакви штети. Каналите во Прилепско се чисти, реките може да го приберат вишокот вода, полека се полни вештачкото езеро. Очекуваме наредниот период да имаме врнежи од снег што ќе биде добра изолација од студот за есенските култури, особено за житарките кои ќе го добијат тој „изолатор“ од ниските температури.  Во овој момент сметаме дека водата е добредојдена. Се надеваме дека дождовите нема да продолжат цел месец за да се појават проблеми, изјави Томески. Од водостопанското претпријатие „Прилепско поле“ уверуваат дека каналската мрежа во Прилепско е чиста и може да ја прибере водата. Дождовите се посебно потребни за полнењето на Прилепското вештачко езеро. Според директорот на „Прилепско поле“, Ѕвонко Талески, се следи ситуацијата и битно е што почна да се полни Прилепското вештачко езеро, потребно за околу 2000 водокорисници, најмногу тутунари. - За една недела водостојот на езерото се зголеми за еден метар, езерото доби дополнителни 250 000 метри кубни и сега се акумулирани вкупно 1,7 милиона кубни метри вода. Инаку целиот капацитет е преку 6 милиона метри кубни вода, неопходна за над 2000 водокорисници, најмногу тутунари. Каналската мрежа во регионот е чиста, нема никакви проблеми сега од теренот. Водата ни беше неопходна, вели Талески. Од прилепското јавно претпријатие „Комуналец“ велат дека се одржува урбаната каналска мрежа, посебно Дабничкиот канал, но апелираат граѓаните да не фрлаат смет. ем/мч/

Остани поврзан