• недела, 22 декември 2024

Доделени сертификати на 20 негуватели за помош и нега на стари лица од Кичево

Доделени сертификати на 20 негуватели за помош и нега на стари лица од Кичево
Кичево, 19 јули 2021 (МИА) - Во ЕЛС  Кичево градоначалникот Фатмир Дехари, во присуство на секретарот на ОО на Црвениот крст Кичево, Бесник Селими, денеска им додели сертификати на 20 негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попреченост, согласно договорот потпишан помеѓу Министерството за труд и социјална политика, како давател на грантот, Општина Кичево како примател на грантот и ОО на Црвениот крст Кичево, имплементатор на проектот, финансиски поддржан од Светска банка за обнова и развој, што ќе трае 12  месеци со можност да биде продолжен на 15 месеци. Лицата на кои им беа врачени сертификатите изразија  задоволство што ќе имаат можност да ја покажат својата хуманост. - Во изминатите два месеци имавме обука за нега на стари и изнемоштени лица. Дел од наставата се одвиваше онлајн, додека дел беше практична настава, каде предавачи беа лекар, логопед и демонстратор. Од страна на меѓуопштинскиот центар за социјална работа ќе ни бидат одредени по три лица, за кои ќе водиме целосна грижа во наредните 12 месеци, период кога треба да го пренесеме она што сме го научиле во текот на наставата и пред се да  ја покажеме хуманоста, истакна Милена Матеска, една од лицата кои се стекнаа со меѓународно признат сертификат. Секретарот на ОО на Црвен крст Кичево, Бесник Селими, беше презадоволен од сработеното во изминатиот период и од односот на лицата кои беа избрани да станат негуватели на стари изнемоштени лица и лица со попреченост. - Со денешното доделување на сертификатите практично ја завршивме двомесечната  работа со лицата, кои беа избрани да станат негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попреченост, што беше воедно прв дел од проектот. Во вториот дел од проектот сите заинтересирани лица, стари и изнемоштени лица и лица со попреченост, можат да се обратат во меѓуопштинискиот центар за социјална работа, каде има достапен формат за користење на оваа услуга, која може да трае од 1 до 4 часа на ден, а должината ќе ја одреди самиот центар за социјална работа, при увид на самото место, нагласи секретарот Селими. за/цр  

Остани поврзан