Доброволните пожарникари од Кочани спасија повреден и дезориентиран орел од загрозен вид
- Екипа пожарникари од Доброволното противпожарно друштво од Кочани доцна синоќа интервенираа во спасување повредена и дезориентирана птица од загрозениот вид источноевропски царски орел.
Кочани, 5 август 2024 (МИА) – Екипа пожарникари од Доброволното противпожарно друштво од Кочани доцна синоќа интервенираа во спасување повредена и дезориентирана птица од загрозениот вид источноевропски царски орел.
По добиената пријава од граѓани кои забележале дека птицата долго време стоела на кров од викендичка на Пониква, на лице место се упатиле четири пожарникари со едно возило.
-Птицата ја најдовме заглавена во громобранската инсталација на објектот, беше дехидрирана и повредена, најверојатно како последица од пожарите во Осоговијата. Природните живеалишта на овие птици се уништени од огнената стихија и примерокот што го спасивме останал дезориентиран и не можел да се врати во своето гнездо. Повредениот орел веднаш го однесовме на ветеринар во Кочани кој го прегледа и му даде соодветна терапија со инфузија, а во текот на денот ќе го транспортираме до Зоолошката градина во Скопје, каде ќе има соодветно згрижување до целосното заздравување. Ќе бараме по подобрувањето на здравствената состојба, птицата да биде вратена во нејзината природна средина на Осоговските Планини, истакна пожарникарот Дејан Минов од ДПД – Кочани.
Пожарот во околината на селото Зеленград, што изминатите денови се прошири на планинските падини, го зафати и заштитениот предел Осоговски Планини кое е живеалиште на царскиот орел, а од кој во државата е останат мал број двојки.
Членовите на ДПД – Кочани упатија уште еден апел да не се пали оган на отворен простор за да не се предизвика пожар од што, освен шумите, се уништува и животинскиот свет. та/ир
фото: МИА