Директорот на БЈБ, Јанев, на Генерално собрание на Асоцијацијата на шефови на полиции од Југоисточна Европа
- Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев денеска во Берат, Албанија, учествува и предводи делегација на БЈБ – МВР на Генералното собрание на Асоцијацијата на шефови на полиции од Југоисточна Европа, во рамки на албанското претседателство на асоцијацијата.
Скопје, 25 јуни 2025 (МИА) - Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев денеска во Берат, Албанија, учествува и предводи делегација на БЈБ – МВР на Генералното собрание на Асоцијацијата на шефови на полиции од Југоисточна Европа, во рамки на албанското претседателство на асоцијацијата.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, заедно со колегите од регионот, Јанев се осврнал на предизвиците од илегалната миграција и борбата против трговијата со луѓе, сузбивањето на организираниот криминал и јакнење на регионалната соработка преку воспоставување Заеднички истражни тимови, а воедно била разгледана и фактичката состојба во однос на борбата против компјутерскиот криминал.
-Сите овие предизвици претставуваат не само регионална туку и глобална закана и ги надминуваат можностите за ефикасен одговор и заштита од само една држава, па оттаму неопходно е надградување и продлабочување на механизмите за оперативна полициска соработка помеѓу државите во регионот и пошироко, забрзана дигитализација на процесите и интензивирање на оперативните мерки и активности за сузбивање на организираниот криминал, со што ќе се генерираат и нови алатки за превенција, следење и успешно справување со криминалот во сите негови форми, потенцирал Јанев.

Подвлекол и дека регионалниот пристап за заедничко делување, зајакната соработка и аплицирање на современи алатки и модели на полициско постапување „се повеќе од потребни во времето во кое живееме, соочувајќи се со низа предизвици од софистицираните методи кои ги користат организираните криминални групи“.
Учеството на Генералното собрание на СЕПКА, директорот на БЈБ го искористил за средба со своите колеги, директорите на полиции на Албанија, Црна Гора и Косово, со кои разменил идеи за понатамошно зајакнување на билатералната соработка во граничното управување, прекуграничните операции и заеднички истражни тимови за сузбивање на организираните криминални групи кои делуваат во регионот.
-Како први луѓе на полицијата, имаме мисија и одговорност да го направиме регионот побезбеден и постабилен за сите наши граѓани. Безбедноста не познава граници – таа бара солидарност, координација и заедничко делување, потенцирал Јанев. хс/ев/
Фото: Министерство за внатрешни работи