• петок, 22 ноември 2024

Димитров: Приведениот дипломат бил испратен во Мисијата на ОБСЕ во 2015 година, кога со МНР раководи друг министер

Димитров: Приведениот дипломат бил испратен во Мисијата на ОБСЕ во 2015 година, кога со МНР раководи друг министер
Скопје, 5 септември 2021 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, на својот фејсбук профил вечерва објави информации во врска со приведениот дипломат. - За разјаснување на дипломатскиот скандал и во интерес на точно информирање на јавноста, укажувам на следниве факти и информации за односниот дипломат. Тој бил испратен во Мисијата на ОБСЕ во Виена во 2015 година, кога со МНР раководи друг министер. Неговото барање за продолжување на мандатот е одбиено од моја страна, вели Димитров. Во 2019 година, пишува Димитров, во МНР се добиени првите индиции дека ќе се води истрага за постапки на односните вработени, меѓу кои и за овој дипломат. Но, посочува, во тоа време немаше никаква информација за потерница и секако немаше пресуда. - Сепак, МНР имајќи ја предвид истрагата и токму врз основа на овие индиции, не дозволи овие лица да бидат упатени на служба во странство. МНР за најавената истрага написмено ги информираше безбедносните служби, кои меѓу другото се надлежни и за безбедносни сертификати и проверки, вели Димитров. Согласно Законот, додава тој, на дипломати во МНР не може да им биде поништена дипломатска патна исправа, освен при одземање на безбедносен сертификат што е во надлежност на друга институција, односно престанок на работниот однос. - Потерницата од Интерпол е распишана во февруари 2020 година, долг период по враќањето на дипломатот од Виена и за тоа не е доставена информација до МНР во времето додека бев таму на должност. Како и зошто сега бил упатен на служба токму тој дипломат и тоа во Мисијата при ОБСЕ, немам информации, наведува Димитров на Фејсбук. Од изнесениве факти, нагласува тој, јасно се гледа дека за време на мојата должност во МНР, службите постапиле законски и во рамки на своите надлежности. - Меѓу другото, токму јас го имам искористено дискреционото право да не го испратам овој дипломат на служба, имајќи ја предвид неизвесноста околу истрагата, пишува вицепремиерот Димитров. мс/бк/  

Остани поврзан