Димитров - Дендиас: Грција поддржува почеток на пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ
- Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска оствари средба со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, во рамки на неговата работна посета на земјава.
Скопје, 31 август 2021 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска оствари средба со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас, во рамки на неговата работна посета на земјава.
На средбата беше истакната подготвеноста од двете страни за обезбедување континуитет во спроведувањето на Договорот од Преспа, имајќи го предвид поволното влијание врз билатералните односи во услови на зголемена економија, стабилност и просперитет за двете земји. Посебен фокус беше ставен на прашањето за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, при што вицепремиерот Димитров изрази благодарност за поддршката од Грција.
-Воспоставеното пријателство меѓу Северна Македонија и Грција се реализира преку конкретни проекти од заемен интерес, но нашата долгорочна визија е градење на заедничка европска иднина, поради што ЕУ мора да го исполни сопственото ветување кон Северна Македонија и регионот, и да ја спроведе одлуката за отворање на пристапни преговори. Надминувањето на пречките во тој контекст е прашање што е од интерес и за земјите членки, за Грција како наш сосед, но и за ЕУ и нејзиното стратешко делување во Западниот Балкан, истакна Димитров.
Од грчка страна беше потврден ставот дека европската перспектива на Северна Македонија треба да биде заокружена со членство во ЕУ што влијае и на развојот на модалитетите на билатералната соработка и добрососедските односи во регионот. Грчкиот министер Дендиас посочи дека таквата поддршка ќе биде афирмирана и во рамки на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ со цел усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на ЕУ со Северна Македонија за да се означи официјален почеток на пристапните преговори.
-На средбата беше дискутирано и за обезбедувањето на техничка помош од Грција во процесот на пристапување, односно размена на искуство, експертиза и знаење во спроведувањето на европските политики за што двете земји имаат потпишано Меморандум за забрзување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, како и за актуелните случувања на регионално и меѓународно ниво, особено во контекст на справувањето со КОВИД-19 пандемијата, информираат од СЕП. ир/ац/