Димитриеска Кочоска: БДП годинава меѓу 2,1 и 2,5 проценти, за општините 100 милиони евра со ребалансот на Буџетот
- -„Ќе ги пуштиме нозете, колку што ни е долга чергата“, порача министерката.
Скопје, 4 јули 2024 (МИА) - Ќе имаме зголемен процент на јавниот долг, БДП оваа година ќе биде меѓу 2,1 и 2,5 проценти, наместо проектираните 3,4 отсто, рече вечерва министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска. Таа најави и пренамена на 100 милиони евра за општините со најавениот ребаланс на Буџетот што треба да заврши до крајот на јули.
Во гостувањето на „Вин-Вин“, Димитриеска Кочоска истакна дека уште пред да се формира, Владата знаела каква е состојбата во буџетот.
-„Ќе ги пуштиме нозете, колку што ни е долга чергата“, порача министерката.
-Податоците од првиот квартал, па и движењата до крајот на јуни, јасно покажуваат дека годинава нема да ја завршиме со проекцијата на БДП од 3,4 проценти, туку дека тие би се движеле меѓу 2,1 и 2,5 проценти, барем врз основа на податоците со кои досега располага Министерството. Бидејќи нема простор каде да намалуваме на расходната страна, оти има многу расходи кои не биле планирани или износи, ќе релоцираме дел од нив. Целта е да не ги менуваме износите планирани на расходите и на приходите, со цел во апсолутен износ, планираниот буџетски дефицит да не го менуваме. Меѓутоа, како процент од бруто-домашниот производ, секако, ќе имаме пораст на буџетскиот дефицит, кој најверојатно ќе биде поголем од 3,8 проценти. И поголемо загрижување кај јавниот долг, кој што како процент од бруто-домашниот производ ќе бележи поголем раст, зголемен процент на јавен долг, повеќе од тие 62,1 процент. Сега имаме 62,1 отсто на проектиран БДП од 3,4 проценти. Кога ќе го намалиме, јасно е дека тој долг ќе биде поголем, објасни министерката.
Дополни и дека дала насоки во Министерството за најреално прикажување на сите податоци, бидејќи, како што нагласи, „доста ни е веќе со нереални проекции, нереални планирања. Подобро да знаеме од каде почнуваме, колку е лошо, какви се бројките и потоа знаеме на што се фокусираме и што треба да подобруваме“.
Во врска со планираните средства за општините, Димитриеска Кочоска истакна дека не може однапред да се каже кои проекти ќе поминат кај единиците на локална самоуправа.
-Повикот ќе биде до сите општини и точно ќе се знае колку и следува на секоја општина. Вкупниот износ, тоа се 100 милиони евра што треба да ги пренамениме сега за општините, ќе ги поделиме со бројот на попишани жители на ниво на Македонија, кои се со постојано живеалиште тука, ќе добиеме колку би било капитална инвестиција по глава на жител и помножено со бројот на жители во општината ќе добиеме секоја општина колку има право да користи. Знали, го лимитираме и правото на користење. Секоја општина во согласност со бројот на жители. Ќе биде наведено кои проекти се прифатливи - водовод, канализација, градинки,..., општините ќе можат да аплицираат и притоа ќе мора да имаат завршена документација, рече министерката за финансии. мч/аа/
фото: принт скрин