• понеделник, 25 ноември 2024

Десетици илјади луѓе на антиамериканските протести во Пјонгјанг

Десетици илјади луѓе на антиамериканските протести во Пјонгјанг

Пјонгјанг, 26 јуни 2023 (МИА) - Десетици илјади севернокорејски граѓани учествуваа на антиамериканските протести во Пјонгјанг за време на викендот по повод 73-годишнината од почетокот на Корејската војна, објави денеска официјалната севернокорејска централна новинска агенција.

Иако конфликтот од 1950 до 1953 година започна со ненадеен напад на комунистите од Северна Кореја, демонстрантите собрани во Пјонгјанг ја промовираа верзијата на нивната влада за настаните и ги обвинија САД дека ја предизвикале војната и ги оставиле Корејците со „рани кои никогаш не можат да зараснат“.

На вчерашните протестни собири, Севернокорејците јавно изразија гордост за зајакнувањето на нуклеарното оружје и ракетната програма од страна на претседателот Ким Џонг Ун, истакнувајќи дека нивната земја сега го има „најмоќното оружје за казнување на американските империјалисти и за самоодбрана што ниту еден непријател не се осмелува да предизвика."

Фотографиите објавени од севернокорејскиот весник „Родонг Шинмунг“ покажуваат стадион полн со луѓе со маски за Ковид и кренати тупаници кои држат транспаренти: „Да ги искорениме американските империјалистички напаѓачи“ и „Целото копно на САД нам ни е на дофат“.

Тие собири се одржуваат во услови на зголемени тензии во регионот, откако се интензивираа тестирањата на севернокорејското оружје, а од друга страна, заедничките воени вежби на САД со Јужна Кореја.

Од почетокот на минатата година, Северна Кореја тестираше околу 100 проектили со различен дострел додека Ким се обидува да ја демонстрира двојната способност за изведување нуклеарни напади и на копното на САД и на Јужна Кореја. Северот исто така ги забрзува напорите да го лансира својот прв воен извидувачки сателит во орбитата, по неуспешниот прв обид во мај. ссм/

Остани поврзан