• петок, 22 ноември 2024

Дебата НКЕУ-МК: Ефикасното управување со јавните финансии го намалува просторот за злоупотреби и корупција, неказнивоста главен проблем

Дебата НКЕУ-МК: Ефикасното управување со јавните финансии го намалува просторот за злоупотреби и корупција, неказнивоста главен проблем

Скопје, 19 јули 2023 (МИА) - Справувањето со корупцијата и заштитата на финансиските интереси на државата се меѓу клучните теми од интерес за сите граѓани. Во справувањето со корупцијата вообичаено фокусот е на правните механизми, правосудните институции, системите за спроведување на правдата, но тие не се доволни. Ефикасното управување со јавните финансии и доброто владеење воопшто, значи што посоодветно и што поправично исполнување на општествените приоритети со ресурсите кои нѝ се на располагање, а кои не се неограничени. Секое управување кое во себе ја нема оваа мисија, остава поголем простор за корупција. Дискусиите за корупцијата кријат голема опасност во случај кога оваа голема антикорупциска дебата не придонесува за намалување на корупцијата. Наша одговорност е да ја поправиме неказнивоста, затоа што неказнивоста е еден од главните проблеми коишто исто така ни го руши системот и отвора простор за зголемување на корупцијата.

Ова беше во фокусот на дебатата на сесијата на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК) за борба против корупција и заштита на финансиските интереси на државата. 

-Ефикасното управување со јавните финансии и доброто владеење воопшто, значи што посоодветно и што поправично исполнување на општествените приоритети со ресурсите кои нѝ се на располагање, а кои не се неограничени. Доброто управување значи грижа за стабилноста, за градење ефикасни институции кои го исполнуваат интересот на граѓаните и создавање услови за социо-економска еднаквост и напредок. Секое управување кое во себе ја нема оваа мисија, остава поголем простор за корупција, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на првата сесија на работната група за антикорупција, формирана во рамки на проектот „Национална конвенција за Европска Унија – Кластер 1“.

Грковска посочи дека справувањето со корупцијата и заштитата на финансиските интереси на државата се меѓу клучните теми од интерес за сите граѓани и го истакна значењето на граѓанскиот сектор, кој преку демократска дебата и експертиза придонесува во реформските процеси.

-Штитејќи ги финансиските интереси на државата, ги штитиме интересите на граѓаните, на нивните средства. Затоа е исклучително важно постојано да се зголемува финансиската контрола и одговорност, со инкорпорирање на европската регулатива и практики и со понатамошно јакнење на транспарентноста на јавните финансии, изјави Грковска, дополнувајќи дека на полето на транспарентоста изминативе години Владата направи значаен исчекор напред и продолжува во насока на градење култура на активна транспарентност во нашите институции.

Ефикасното управување со јавните финансии, нагласи таа, само по себе е еден од најсилните механизми за спречување на корупција и тоа треба да се има предвид во сите напори за елиминирање на негативните и штетни појави во општеството.

-Факт е дека оваа појава е позастапена во помалку развиените земји, а и дека најмногу им штети на најсиромашните. И тој круг е обрачот кој ги заробува можностите за развој. И понекогаш се чини дека е невозможно да се скрши. Но не е така, бидејќи ако проблемот е во системските слабости, во недостигот на транспарентност и отчетност, и самите решенија на проблемите се наоѓаат на истото место. Сепак, комплексноста на корупцијата, значи дека за справување со овој феномен мора да има волја и напори на сите нивоа и гранки на системот“, оцени Грковска.

Според неа, ние секогаш некако се обидуваме да ја најдеме одговорноста кај некој друг, а не кај нас самите и тоа, рече е нашиот најголем проблем. 

-И во овој процес кога зборуваме за приближување кон ЕУ, треба да прифатиме кои се нашите обврски и нашите одговорности. Ова го зборувам уште од времето кога бев пратеник, значи тоа се веќе од 2022 година, колку години наназад, ние се донесуваме како некој да ни ги наметнува реформите, и како да ги правиме овие реформи заради некој друг, а не заради нас самите. А тоа е многу различен пристап. Јас сум силно убедена дека со вакви активности, ние ќе успееме да ја покренеме свесноста, дека зборуваме прво за нашата одговорност, за нашата посветеност. Дека првично е нашата одговорност да ги имплементираме системските решенија. Нашата одговорност е да ја поправиме неказнивоста, затоа што неказнивоста е еден од главните проблеми коишто исто така ни го руши системот и отвора простор за зголемување на корупцијата, децидна е Грковска. 

Борис Вујчиќ, гувернер на Националната банка на Хрватска и поранешен заменик-главен преговарач со ЕУ, даде детален осврт на процесот на преговори на Хрватска со Унијата. 

-Преговарачкиот тим што преговараше за сите поглавја беше формиран пред се од страна на експерти, а не од политичари, и се работеше за професионалци. Јас бев заменик-главен преговарач и можам да ви кажам дека имаше многу малку политика за време на процесот на преговори, со исклучок на политичките прашања. Важно е дека нашите пристапни преговори за членство беа доста поинакви од другите земји.

Тој потсети дека Хрватска влегуваше во ЕУ кога имаше голема економска и финансиска реконструкција на архитектурата на еврото.

-За време на таа криза ние се уште преговаравме, беа формирани нови институции во рамки на ЕУ а подоцна ние моравме и тоа да го усвоиме. Во однос на независноста на Националната банка, сите експерти од наша страна мораа добро да ги познаваат овие прилики, политичката поддршка беше многу важна, без тоа е тешко и ќе одземе многу време, оцени Вујчиќ.

Тој истакна дека членството во ЕУ има јасни економски придобивки, секоја година имаме зголемување, а се помал дефицит, а сега, рече, имаме суфицит плус. Несомнено, според него, членството на ЕУ е поволно за секоја држава и со влезот во ЕУ извозот на мали и средни претпријатија во Хрватска се зголемил.

Во однос на корупцијата, Вујчиќ рече дека корупцијата доведува до лошо распоредување на средства и колку е поголема корупцијата, толку е полошо распоредувањето на средствата.

-Немате готовински проток и имате нарушени состојби во општеството. Транспарентноста е многу важна, потешко е да се краде кога има светло, отколку да крадете во темница, нагласи Вујчиќ.

Милева Ѓуровска Национален координатор на НКЕУ-МК и претседателка на Европско движење во Северна Македонија, порача дека граѓаните имаат право да учествуваат во градењето на сопствената иднина - особено од областите витално значење.

-Граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари. Европските стандарди ќе бидат побрзо научени од граѓаните доколку се активни чинители во самиот процес на транспонирање, како јавни политики или како легислатива. Во справувањето со корупцијата вообичаено фокусот е на правните механизми, правосудните институции, системите за спроведување на правдата, но веројатно, тие не се доволни. Од досегашното искуство во Конвенцијата, особено преку прелистување на препораките, може да се види дека дискусијата секогаш завршуваше во економската сфера покажувајќи ги како важна алка во дијалогот. Во суштина, економските поглавја сочинуваат над 70 проценти од директивите што треба да бидат транспонирани и имплементирани во процесот на преговорите, рече Ѓуровска.

Но, според неа, дискусиите за корупцијата кријат голема опасност во случај кога оваа голема антикорупциска дебата не придонесува за намалување на корупцијата.

-Без разбирањето за причините за корупција, без систематски сознанија за видовите на корупција и начинот на кој институциите функционираат, ќе бидат помали шансите за успешна борба против корупцијата. Се смета дека монополската моќ на функционерите, дискреционите права и недостиот на одговорност, ја зголемуваат веројатноста за корупција. Во нашиот случај дебатите треба да одат во насока на натамошно градење на релевантните институции чија директна надлежност е спречување и борба против корупција и јасно дефинирање на одговорноста во смисла на прецизирање на личната одговорност во линијата на хиерархијата, рече таа.

Експертите во НКЕУ-МК, потсети Ѓуровска, укажуваат на фактот дека често применуваната практика за формирање ад хок тела за решавање на постоечките проблеми дава скромни позитивни резултати, со голем контра-ефект кој е видлив во инертноста на институциите. Овие времени работни тела ги рехабилитираат институциите од нивната одговорност.

Сесијата се одржа во Клубот на пратеници, во организација на Европското движење на Северна Македонија, кое преку експертски и отворен дијалог континуирано придонесува за прашања поврзани со пристапните преговори за членство во Европската Унија и помага тие да се обликуваат согласно со поширокиот јавен интерес.  Во оваа сесија учествуваа и поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски, Шенај Хаџимустафа, професорка на ЈИЕ, Александар Кржаловски и Снежана Камиловска Трпевска од МЦМС и Виктор Митевски од Здружението за истражување и анализи-ЗМАИ.

По дебатата беа донесени препораки во насока на намалување на можноста за корупција и подобрување на фискалното управување и одржување на здрави јавни финансии.

Меѓу препораките се и воспоставување регистар за јавни приватни-партнерства и регистар за концесии, воведување биланс на состојба на јавниот сектор, следење на преземените обврски од страна на буџетските корисници во реално време, како и зајакнување на собраниската улога врз утврдувањето и надзорот при реализацијата на Буџетот на Северна Македонија. нд/ац/

Фото: МИА/ Генерален секретаријат на Влада

Остани поврзан