• понеделник, 23 декември 2024

Дворот на Кнежинскиот манастир со нов променет изглед

Дворот на Кнежинскиот манастир со нов променет изглед
Кичево, 17 ноември 2021 (МИА) - По повеќедневна доброволна работна акција, дворот на манастирот „Свети Ѓорѓија“ доби нов, поубав изглед. Инветивните доброволци со повеќе алпинетуми и со сопствени креации, целосно го променија изгледот од дворот на Кнежинскиот манастир. - Во изминатите десетина дена спроведовме доброволна работна акција во манастирот „Свети Ѓорѓија“. Во работната акција се вклучија поголем број доброволци од градот, средношколци, вработени во РЕК „Осломеј“ и фудбалери од ФК Напредок.Во овој период целосно го променивме изгледот на дворот на Кнежинскиот манастир.Оформивме повеќе алпинетуми, а создадовме и други хортикултурни новини. Сега дворот на манастирот е со поубав изглед отколку напролет и секој што ќе го посети ќе биде полн со впечатоци од она што го видел во манастиркиот двор, вели Христијан Донески, еден од иницијаторите на овие работни акции. Тој додаде дека не само што се создадени нови цветни аранжмани, туку целосно се отстранети исушените пролетни цвеќиња и се што беше непотребно на овој простор. Најави и нови работни акции и довршување на потпорниот ѕид пред старите конаци. - Работните акции во Кнежински манастир ќе продолжат и понатаму, ќе се доврши потпорниот ѕид, десетина метри, а во блиска иднина со помош на спонзори и помагатели, планираме  да поставиме нова ограда на пространиот манастирски двор, додаде Донески. за/цр

Остани поврзан