• петок, 08 ноември 2024

Движењето „Одлучно за промени“: Остануваме во владината коалиција, гласачите сами ќе проценат за кого ќе гласаат во вториот круг

Движењето „Одлучно за промени“: Остануваме во владината коалиција, гласачите сами ќе проценат за кого ќе гласаат во вториот круг
Скопје, 20 октомври 2021 (МИА) - Триесет илјади гласови кои ги добивме во првиот круг на локалните избори не смееме да ги изневериме. Остануваме во владината коалиција, но по вториот круг сериозно ќе разговараме со нашите политички партии да се смени нешто во начинот на владеење. За вториот круг сметаме дека нашите гласачи се доволно интелигентни и не треба да ги насочуваме за кого да го дадат гласот, порачаа лидерката на ДОМ, Маја Морачанин од Движењето „Одлучно за промени“. Таа денеска на прес-конференцијата информираше дека имаа 51 советничка листа и 18 кандидати и кандидатки за градоначалници, а освоиле 25 илјади гласови на советничките листи и плус 9 илјади гласови од листата советничка во Градот Скопје. Како што посочи, ова значи дека на сите тие 51 листа вкупно имаат преку 34 илјади гласови.
Што се однесува до бројките и гласовите за градоначалниците, Морачанин рече дека имаат околу 25 илјади гласови добиени за нивните кандидати и кандидатки за градоначалници, и е задоволна од овој успех.
 - Навистина многу сме задоволни со овој успех и добро е што граѓаните ја препознаа нашата идеја, нашата визија заеднички без разлика на партиска припадност, членство, активисти, експерти да го искористиме сиот потенцијал што го имаме во државата и да обезбедиме поквалитетен и поздрав живот за секој граѓанин, рече Морачанин.
Во однос на гласањето во вториот круг, таа рече дека тие не располагаат со гласовите на граѓаните, и убедена е дека тие се доволно мудри и во вториот круг масовно ќе излезат и ќе го поддржат кандидатот за кој веруваат дека навистина во следните четири години ќе ја води општината во позитивен правец.
Морачанин денеска ги демантираше шпекулациите дека се во преговори за ново парламентарно мнозинство. Посочи дека сето она што граѓаните им го кажаа и во кампања и пред кампања и на самиот изборниот ден, е она што мора понатаму да се преточи во реализација, и да продолжи државата да оди напред по еден прогресивен европски пат.
Лидерот на ЛДП, Горан Милевски истакна дека добиените 30 илјади гласови не смеат да ги изневерат.
Тој на денешната прес-конференција на новинарско прашање дали остануваат во постоечкото парламентарно мнозинство, рече дека остануваат во владината коалиција, бидејќи според него, Владата има сериозни предизвици во започнување на разговорите со ЕУ, и смета дека е несериозно да се наруши тој пат.
-Според нашите сознанија од нашите парнтери од Брисел, очекуваме пзотивна одлука и деблокирање на процесот на европските интеграции. Мислам дека нема логика Владата да се нарушува, но повторно ние гласот на граѓаните сериозно ќе го послушаме. Како ЛДП и како ДОМ сериозно ќе разговараме со нашите партнери за продолжување на соработката, рече Милевски на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека 30 илјади гласови ги обврзува нивниот глас да биде посилен во Владата и да бидат порешителни во некои одлуки кои сметаат дека се погрешни, а во изминатиов период ги преќутеле. Токму затоа, како што рече, дел од нивните гласачи отидоа кај независните листи.
-Нашата цел е да го зголемуваме бројот на гласови како движење, и сакаме да ја вратиме доеврбата кај оние гласачи кои го сметаме како потенцијално наши. Сите лажни анкети кои ги вадеа големите партии пред избори со цел да го намалат нашиот рејтинг, а чии проценки беа дека оваа Коалиција ќе освои некаде околу 12 илјади гласови, граѓаните ги демантираа. Ние добивме двојно повеќе гласови и станавме партија која навистина има поддршка во центарот од граѓаните, и либералните и зелените политики ќе продолжиме да ги спроведуваме, рече Милевски.бт/са/

Остани поврзан