• недела, 22 декември 2024

Две лица осомничени за даночно затајување

Две лица осомничени за даночно затајување

Скопје, 3 ноември 2021 (МИА) - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица кои се осомничени дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело – Даночно затајување во периодот од  2018 и 2019 година.

Како што соопшти Јавното обвинителство, првиот осомничен на возраст од 49 години, во својство на сопственик, управител и овластен потписник на сметките на правно лице од Студеничани заеднички и по претходен договор со вториот осомничен 32-годишен сопственик и управител на три правни лица од Скопје дале лажни податоци за факти од влијание за утврдување на износот на обврските за данок на добивка и за персонален данок на доход, со што избегнале да платат обврски во вкупен износ 25.645.627 денари.

-Со детална финансиска истрага, спроведена од Управата за финансиска полиција по наредба на јавниот обвинител, беше утврдено дека вториот осомничен издавал фиктивни фактури за наводна продажба на отпадно железо, кои првиот осомничен ги прикажувал како фиктивен промет во книговодствената евиденција на своето правно лице. За уплатените средства по овој основ, кои веднаш ги подигал од сметките, вториот осомничен не пријавил и не платил персонален данок на доход, додека кај првиот осомничен тие средства биле прикажани како трошок за кој била намалена даночната основа за пресметување на данокот на добивка, се наведува во соопштението од ЈО.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за двајцата осомничени – обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање. Освен ова, јавниот обвинител достави до Судот и Барање за привремено одземање на имот или предмети заради обезбедување од едно од правните лица, со оглед на тоа што наведените недвижности и подвижни предмети се стекнати во временски период кој кореспондира со времето на извршување на кривичното дело за кое се води истрагата.​​ дма/са/

Остани поврзан