• среда, 27 ноември 2024

Дами рушат бариери и рекорди во трчање

Дами рушат бариери и рекорди во трчање
Скопје, 15 октомври 2022 (МИА) - Три жени со различни животни предизвици и професии со иста пасија кон трчањето ги освојуваат маратонските патеки ширум светот. Трчањето почнале да го практикуваат пред и околу четириесетата години од својот живот барајќи начин да надминат одредени проблеми, да го подобрат физичкото и менталното здравје, но и да пробаат нешто ново и подобро. Трчањето им носи радост, здравствени придобивки, фокусирање, дисциплина, трошење на вишокот енергија, нови искуства и познанства... Токму таква беше и нашата средба со Марина Домазетовска, Наташа Булеска и Милка Смилевска, кај трим патеката во Градскиот парк во Скопје. Тие меѓусебно не се познаваа, но знаеја една за друга токму поради истрчаните километри и постигнатите успеси. Трчањето кај нас и во светот во последните години е мошне популарно, а меѓу оние кои трчаат маратони и полумаратони има популарни дестинации за кои тие се подготвуваат со денови. Како точка на годинашната маратонска листа, на 6 ноември е светски познатиот маратон во Њујорк. Токму овој маратон во САД е последна цел за оваа година, кога станува збор за трчањето, за Марина Домазетовска, која работи како маркетинг менаџер во Сеавус и глобални комуникации на Арикома Дигитал, мајка на компанија на Сеавус. Таа освои трето место за жени на национално ниво на полумаратон на Скопскиот маратон и неодамна на Балканското првенство за ветерани во Солун стана шампион на 5000 метри и вицешампион во полумаратон за жени над 45 години. Ако сакаме да успееме, вели Домазетовска, трчањето бара многу посветеност како и која било друга спортска активност. - Јас почнав пред десет години да се занимавам со трчање, мислам како хоби. Искрено кога трчав пред десет години не ни помислував дека ќе ми стане трчањето сериозна пасија, дека ќе бидам целосно посветена односно се што имам слободно време да го посветам на трчањето, меѓутоа еве се случија многу работи. Она што ми беше најбитно од се, бенефитите што ги чувствував во однос на моето здравје, на мојот фокус и мотивација, дисциплината која што ја носи трчањето директно влијае врз секојдневниот живот, врз работата, и тоа ме поттикна се повеќе и повеќе и посериозно да гледам на трчањето како спорт, раскажува Домазетовска. Потоа почнала да работи со професионални тренери, да внимава на исхраната и стигнала дури до Балканското првенство во Солун, каде трета година ја претставуваше Македонија.  -Моите тренинзи се секојдневни. Јас тренирам буквално секој ден, некогаш и по двапати на ден и тоа е единствениот начин како да се дојде до успех, како и во секоја друга дисциплина, посочува Домазетовска.  Кога ја претставуваш Македонија и трчаш со знамето, потенцира таа, навистина е голема радост. -Генерално, се радувам кога излегувам да трчам, не само на пиедестал. Мислам дека поголемо задоволство ми се овие секојдневни тренинзи како што денес ќе трчам, затоа што тоа е дел од мојот живот, тоа е начинот на којшто ја функционирам. После секој тренинг сум уште помотивирана, уште посилна итн., а она што ќе го добијам со качување на пиедестал е само круна на сите тие тренинзи, значи на целиот тој напор што го чувствувам секојдневно, рече Домазетовска.    Покрај сериозниот работен ангажман, таа е и мајка на две ќерки, а вели дека многу е напорно да се вклопат сите активности во денот, но дека се може да се постигне ако се сака.

-Јас или станувам многу рано изутрина накај четири и пол, пет најдоцна, да излезам да си го завршам тренингот за да се вратам дома пред кој било друг да е разбуден или сега веќе бидејќи е позаладено и децата тргаат во училиште, тренирам после работа. Многу, многу ретко успевам да тренирам во текот на денот и ако имам каква било пауза, ја користам за трчање или за тренинг во сала, раскажува Домазетовска. 

Се имам откажано, вели, од многу работи коишто на другите луѓе им носат задоволство. - Речиси никогаш не одам на кафе во текот на денот, многу рано си легнувам - десет и пол, единаесет, немам сила да седам подоцна. Тие се некои жртви да кажам за да можам да си го искомбинирам денот, меѓутоа она што е поважно е дека имам поддршка од семејството, имам огромно разбирање особено од моите деца и тоа ми овозможува да си дозволам буквално секој ден да ме нема по еден, два часа, вели таа.  

Следната нејзина цел е маратонот во Њујорк, каде што ќе патува со своите ќерки за да можат и тие одблизу да го почуствуваат духот на градот и енергијата на трчањето. За да ја исполни својата цел, тренира секој ден, еден ден во неделата одмара, но тогаш има тренинзи за тело.  -За викенд ми се најнапорни. Недела е ден за долг тренинг и тоа е тоа. Двапати во неделата одам да тренирам  во АТеГе - тоа е спортски центар  што им го препорачувам на сите атлетичари, навистина помага за превенција од повреди. Тоа е многу битно. Јас сум ветеран и морам да внимавам доста на начинот на тренирање, да  внимавам да имам превенција од повреди затоа што како што старееме така телото побавно се регенерира, објаснува Домазетовска.  За неа една од највпечатливите трки бил нејзиниот прв маратон во Лисабон кој важи за еден од најубавите, најпејсажен во светот. Се трча 42 километри покрај океан. За Домазетовска, Охридскиот маратон бил еден од најтешките, но вели многу и е жал што веќе не се одржува.  Трчањето ми помогна да се свртам кон себе си, вели нашата позната новинарка Милка Смилевска, која работи во ТВ Ал Џезеира од Скопје. Почнала да трча пред околу две години за време на ковид пандемијата, а ја инспирирал трнерот Сашо Даневски. Го истрчала полумаратонот во Виена, потоа трчаше на Скопскиот маратон, во Битола, Охрид, во Централ парк во Њујорк...  -Јас кај него почнав да тренирам во времето на ковид пандемијата кога едноставно нашите движења не би рекла дека беа ограничени во целост, меѓутоа сепак животниот стил, начинот на живеење ни беше многу поинаков, нели, самите си стававме ограничувања, да не одиме на некои места поради тоа што бевме воздржани заради можноста да се заразиме од корона вирусот. Јас во тој момент одлучив дека е добро да почнам со тренинзи барем двапати неделно, и така го запознав Сашо Даневски. Еден исклучителен човек, исклучителен тренер кој навистина ме инспирира не само да вежбам, туку и да пробам да трчам. Така почна се, раскажува Смилевска.  Вели дека неа трчањето ја променило и оти тоа е еден сегмент во целокупната трансформација на нејзината личност и оти тоа веројатно доаѓа еден момент во една фаза во животот на секој човек. -Мислам дека јас влегов во тој период кога едноставно се вртиш кон себеси и гледаш што можеш да направиш за себе. Повеќе се вртиш кон својот внатрешен свет условно да кажам, и на тој начин манифестираш една подобра кон себеси и кон надворешниот свет. Мене трчањето ми претставува една важна работа во целиот тој сегмент на мојата лична трансформација. Трчањето ми помага да бидам подобра личност. Прво пред се за себе. Имам чувство дека правам нешто добро за себе, и мислам дека тоа е многу важно за секоја личност да има едно самозадоволство да кажам, да не чувствува дека го минува денот вложувајќи, инвестирајќи само во надворешните односи со останатите луѓе, дали се работи за семејството или професионалните обврски, туку едноставно да се најде простор и да се прават нешта кои лично на личноста и прават задоволство. И ете јас на тој начин го доживувам трчањето, објаснува Смилевска.  Според неа, воопшто не е тешко да се најде време за трчање „ако човек разбере дека тоа е важно за него лично и ако се стави себеси на прво место“. -А кога ќе се стави човек себеси на прво место тогаш е многу подобар и за околината без оглед дали е професионална средина или семејство во прашање, тогаш воопшто не е тешко, вели Смилевска.  Нејзина генерална порака е дека таа спортска активност не треба да се доживува како една тешка физичка обврска која треба да се заврши, туку како да се доживее како едно задоволство и една инвестиција во себе, во своето здравје во своето психофизичко здравје. -Да потсетиме сите ние глобално поминавме низ многу тежок период со ковидот, низ една голема неизвесност. Излеговме од тој период да кажам, меѓутоа секој со свои последици, некои здравствени, некои психички, некои ментални. На некој начин мислам дека таа пандемија ми помогна да сфатам дека треба да се свртам кон себеси, да си помогнам себеси. Исто така и тоа би го пратила како порака дека секој човек ако сака да ја направи промената кон околината треба прво да почне од себе, бидејќи се во суштина тргнува од нас. Како ние ќе се поставиме кон животот, кон обврските, кон приоритетите, таков и ќе ни биде животот, рече Смилевска.  Полумаратонка е и Наташа Булеска, вработена семејна жена и мајка на една ќерка, активистка за борба против рак на дојка. Оваа година по петти пат го истрча Скопскиот полумаратон, а трчала и на други локации, се занимава со јога и планинари. Почнала да трча на 42 години, девет години по операцијата од рак на дојка бидејќи сметала дека треба да направи нешто позитивно за нејзиното здравје. – Почнав со трчање на Скопскиот полумаратон во 2018 година и тоа ми беше првиот полумаратон, сега ми беше петти. Не бев многу млада кога почнав. Имав 42 години и тоа беше отприлика едно девет години од мојата операција. Оперирана сум од рак на дојка на доста млада возраст, на 33 години, и мислев дека за моето здравје е многу важно да направам нешто позитивно и впрочем имав вишок енергија, која, освен на работа и на нашата ќерка, сметав дека можам да ја потрошам и правејќи добро за себе и со пример да им покажам на ќерка ми и на останатите жени дека е важно да се грижат за себеси и да направат време за себе, вели Булеска. Оттогаш, додава, поминаа години, а трчањето и е веќе таква навика што дури и кога патува на два дена некаде ги пакува патиките и гледа секоја можност да ја искористи за да излезе надвор. -Го сметам и трчањето исто како и престојот во природа, многу често многу сликам. Моите пријатели и пријателки се шегуваат со тоа: одамна нè немаш почестено со некое небенце. Гледам да сликам слики од природа, слики од зајдисонца, од изгрејсонца. Зависи кога трчам и го сметам и за присуство и за спојување со природата. Го знам мирисот на Вардар. Знам кога е есен или пролет, според тоа какво е времето и според тоа гледам да го поминам времето во трчање во повеќе разговор со себе, но и повеќе уживање во природните убавини околу нас. Мислам дека имаме многу убавини околу нас. Во нашето општество сме фокусирани на негативното, а впрочем имаме многу убави нешта околу нас. Имаме убав парк, го имаме Водно, ја имаме реката… Не многу градови имаат таква привилегија да имаат толку зеленило и мислам дека недоволно ги консумираме, недоволно ги користиме, вели Булеска. Се трудам, додава, да го види позитивното, каде што може да помогне да биде поубаво, но и да ужива во она што го имаме, оти секогаш има и убава страна на нештата ако тоа сакаме да го видиме. Таа им препорачува и на болните од рак и оние кои се излечиле доколку тоа им дозволува здравјето да почнат да практикуваат некаква физичка активност. – Бидејќи ракот е вистина многу индивидуална болест, нели дури се смета за група болести и многу е различно како ја поминува, како се лекува и какви потреби има секој пациент. Би спомнала дури тука да претежно зборуваме за жени, кога зборуваме за рак на дојка, меѓутоа на секои сто случаи еден ќе е маж. Мислам дека малку зборуваме за тоа дека ракот на дојка ги погодува и мажите, за жал. Сметам дека здравјето и грижата за здравјето, се разбира, секој треба да си ја води посебно и треба да си почувствува кога е способен, иако нема ограничувања. Во принцип, и додека трае лекувањето, жените, секако и мажите, би можеле да започнат со некоја физичка активност во зависност од тоа во каква состојба се и психички и физички. Секој од нив може и според мене треба да грижи за своето здравје поактивно, вели Булеска. Веќе станува сè појасно дека за здравјето треба многу активно да се грижиме и дека секој од нас би требало да практикува некоја активност, она што му одговара. -Јас со години вежбам јога и мислам дека тоа многу ми помогнало и психички и физички за да сум смирена, да сум отворена и да го прифатам она што ми се случува. Соодветно се мобилизирам со сите свои сили за да се изборам за здравје и потоа, нели, да го одржувам здравјето. Со трчањето почнав подоцна, исто планинарам. Тоа ми е од татко ми, кој е пасиониран планинар. Сум била двапати на искачување на Алпите со жени оперирани од рак на дојка, во 2011 и 2018 година. Првиот пат со сто, вториот пат со уште повеќе жени оперирани од рак на дојка. И целта на тој настан беше токму тоа, да покаже дека нема никави ограничувања по лекување од рак, дека сите ограничувања сами си ги наметнуваме или средината. Значи дека доколку сакаме со поддршка од професионалци, со поддршка едни со други со таа солидарност помеѓу жените и нивните семејства и пријатели, пријателки и партнери дека можеме да направиме или да постигнеме сè што сакаме. Тоа во нашето опкружување е малку потешко зашто сè уште малку зборуваме за ракот, смета Булеска. Таа вели дека за оваа тема треба повеќе да се зборува особено меѓу младата популација бидејќи младите како да се срамат понекогаш од таа дијагноза, како да се чувствуваат оштетно или несоодветно. За нив, додава, треба да се поводи посебно сметка оти поинакви проблеми и предизвици имаат младите луѓе, младите жени и мажи кои се борат со оваа болест, оти треба да живеат уште долго и продуктивно и да придонесуваат и за себе и за нашето општество, а за нив скоро и да нема мерки и активности и програми кои ќе им понудат полесно да почнат повторно да работат, да творат и да бидат активни учесници во нашето општество. Се согласува дека ракот се лекува, но потенцира дека здравствената култура кај нас е на пониско ниво во смисла на превенција. - Значи, ракот се лекува скоро во сите форми, меѓутоа имате и типови рак кои се многу излечиви и кои се многу познати на медицинските стручњаци, меѓутоа се лекуваат доколку се рано детектирани, во рана фаза, додека не се системски многу проширени и зафатени некои витални органи. Кај нас, за жал, многу често се оди на лекар кога веќе болките се неподносливи и симптомите веќе укажуваат дека нешто сериозно се случува. Постојат неколку програми за ран скрининг за рак на ендометриум, за рак на дојка и за рак на дебело црево. Јас искрено знам многу малку луѓе кои се здрави и кои добиле покана да појдат на превентивен преглед иако немаат никакви проблеми, посочува Булеска. Снимател: Аслан Вишко Фото: Принт скрин Фејсбук 

 

Остани поврзан