• петок, 20 декември 2024

Гутереш: Светот се соочува со егзистенцијални закани

Гутереш: Светот се соочува со егзистенцијални закани
Давос, 25 јануари 2021 (МИА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги предупреди денеска светските лидери дека светот не се соочува само со вонредна состојба поради Ковид-19 и со најтешката економска криза во последните речиси сто години, туку и со „егзистенцијални закани“ за климата и биодиверзитетот, и можноста најголемите економии, САД и Кина, да го поделат светот на два дела. Обраќајќи им се на учесниците на Светскиот економски форум во Давос, што се одржува онлајн, шефот на ОН истакна дека човештвото не сака да се повторат „трагедијата и кризата“ од 2020 година. Тој посочи на многубројните проблеми во сегашниот свет, како што се недостаток на консензус при користење на кибер-просторот и зголемените ризици од нуклеарна и хемиска пролиферација. Говорејќи за Ковид-19, тој предупреди дека богатите земји прават грешка кога мислат дека ќе бидат безбедни ако ги вакцинираат своите граѓани и ги занемарат земјите во развој. Гутереш рече дека вакцините мораат да бидат „светско јавно добро“ и достапни за секого по пристапни цени. Тој ги повика сите да се справат со нееднаквостите, кои пандемијата само ги зголеми. Гутереш, исто така, повика на ликвидност за да се избегне неплаќањето долгови во многу средни и помалку развиени земји, олеснување на долговите за земјите во неволја, нови специјални права во корист на земјите во развој, мерки за намалување на разликите во платите и рамноправно учество на земјите во развој во светските институции. Шефот на ОН рече дека закрепнувањето од Ковид-19 мора да помогне „да се стави крај на нашата борба против природата, да се спречи климатска катастрофа и да се обнови планетата“. - Главната цел во 2021 година е формирање глобална коалиција за неутрализирање на јаглеродот, нагласи Гутереш, додавајќи дека „секоја држава, град, финансиска институција и компанија“ треба да усвојат планови и да преземат решителни мерки со цел да се постигнат нулта емисии на штетни гасови до 2050 година. Кога станува збор за геополитиката, Гутереш изјави дека тој сè уште „се плаши од можноста за поделба на светот на два дела, а двете најголеми економии предводат две области со различни доминантни валути, трговски и финансиски правила, од кои секоја има свој интернет и сопствени геополитички и воени стратегии“. - Ние мора да сториме се што е потребно за да се спречи таквата поделба, нагласи генералниот секретар на ОН. гт/

Остани поврзан