• среда, 13 ноември 2024

Групата Квад: Русија мора да биде казнета за војната во Украина

Групата Квад: Русија мора да биде казнета за војната во Украина
 

Њу Делхи, 3 март 2023 (МИА) - На Русија не може да и се дозволи да води војна неказнето, изјавија американскиот државен секретар Ентони Блинкен и неговите колеги од Индија, Јапонија и Австралија по состанокот во Њу Делхи.

Сојузниците од таканаречената група Квад (Quad), исто така, рекоа дека употребата или заканата од употреба на нуклеарно оружје во Украина е „неприфатлива“.

На крајот на минатиот месец, рускиот претседател Владимир Путин го суспендираше договорот за контрола на нуклеарното вооружување и се закани дека ќе ги продолжи нуклеарните тестови.

„Ако и дозволиме на Русија неказнето да го прави она што го прави во Украина, тогаш тоа е порака до потенцијалните агресори насекаде дека и тие можат да се извлечат од тоа“, рече Блинкен на форумот во Индија.

Блинкен се сретна со колегите од Квад на маргините на состанокот на Г-20 во Њу Делхи. Вчера во Њу Делхи, Блинкен се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за првпат од почетокот на конфликтот во Украина пред нешто повеќе од една година. За време на кратката средба, Блинкен ја повика Москва да ја прекине војната и да ја повлече суспензијата на нуклеарниот договор „Нов СТАРТ“, изјави висок американски претставник.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Лавров и Блинкен разговарале помалку од 10 минути и дека не учествувале во никакви преговори.

На состанокот на Г-20, Соединетите Американски Држави и нивните сојузници ги повикаа земјите-членки да продолжат со притисокот врз Русија да го прекине конфликтот, но Г-20 не успеа да се договори за заедничка изјава за војната поради противењето од Русија, која своите акции ги нарекува  „специјална воена операција“, и Кина.

Високиот претставник за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, ја повика глобалната заедница на соработка. „Секој што е воздржан, во неколку различни региони, мора да разбере дека се соочуваме со нешто што ја уништува можноста за светски консензус“, рече тој. паг/

 

Остани поврзан