• понеделник, 23 декември 2024

Грковска: Принципите на добро владеење се важни за праведно, демократско и просперитетно општество

Грковска: Принципите на добро владеење се важни за праведно, демократско и просперитетно општество
Скопје, 15 септември 2022 (МИА) - Принципите на добро владеење се важни не само за процесот на пристапување во Унијата, туку пред сé за создавање на праведно, демократско и просперитетно општество. Тоа е клучно за постигнување на економски раст, конкурентност, подобар квалитет на живот за граѓаните и поповолна средина за бизнисите, порача денеска заменичката на претседателот на Владата задолжена за креирање на политики за добро владеење Славица Грковска.
За да се постигне ова и за да се изгради довербата во институциите, според Грковска, јавната администрација треба да биде транспарентна, одговорна и ефективна.
Грковска на министерската конференција на Западен Балкан за реформи во јавната администрација, која во Скопје ја организираа СИГМА/ОЕЦД и Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА), посочи дека Владата има сериозен и одговорен пристап кон определбата да изгради отчетни и транспарентни институции.
Токму затоа, како што додаде, нејзиниот кабинет почива на три столба, а тоа се - дигитална трансформација на општеството, транспарентни и ефикасни институции и креирање на антикорупциски политики.
-Доброто владеење, односно доброто управување подразбира и сеопфатни промени пред сé во начинот на размислување и начинот на функционирање. Јас ја користам секоја можност за да го нагласам ова. Посебно ми е важно тоа да допре до младите и често пати им кажувам - „Бидете промената што сакате да ја видите во светот“, истакна Грковска.
 На конференцијата, на која присуствуваа и ресорни министри од земјите на Западен Балкан, претставници на Европската комисија, донаторската заедница, регионални и меѓународни организации, граѓански организации и експерти, учесниците размениле искуства и мислења за добрите практики за трансформација на јавната администрација, како и спроведување на реформите клучни за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.бт/са/

Остани поврзан