• понеделник, 23 декември 2024

Горбачов - едно од најважните лица од втората половина на дваесеттиот век

Горбачов - едно од најважните лица од втората половина на дваесеттиот век
Москва, 31 август 2022 (МИА) - Поранешниот советски лидер и добитник на Нобелова награда за мир, Михаил Горбачов, кој почина синоќа на 92-годишна возраст, многу историчари го сметаат за едно од најважните лица од втората половина на дваесеттиот век, пишуваат медиуми. Тој беше последен претседател на СССР, стави крај на Студената војна без крвопролевање, но, не успеа да го спречи распаѓањето на Советскиот Сојуз. Горбачов поднесе оставка од својата функција на 25 декември 1991 година, а Советскиот Сојуз се распадна по 69 години. „Михаил Сергејевич Горбачов почина вечерва по тешка и долготрајна болест“, соопшти Централната клиничка болница во Москва. Според Тасс, тој ќе биде погребан на московските гробишта Новодевичи покрај својата сопруга Раиса, која почина во 1999 година. Од сиромашно семејство до партискиот врв Горбачов е роден на 2 март 1931 година во сиромашно семејство во Приволноје кај Ставропол во јужна Русија. Како правник, брзо се приклучи на комунистичката партија, а потоа со годините се проби до самиот врв на партиската номенклатура. Беше нејзин осми и последен генерален секретар. Ја водеше од 1985 до распаѓањето на Советскиот Сојуз во 1991 година. Кога во 1985 година стана генерален секретар на советската комунистичка партија, на 54-годишна возраст, тргна да го ревитализира системот со воведување програми на гласност и перестројка што имаа за цел да обезбедат поголема демократија и економски раст. Но, неговите реформи излегоа од контрола. Неговата политика на „гласност“ - слобода на говор - овозможи дотогаш незамислива критика на партии и држави, но, исто така ги охрабри националистите кои почнаа да вршат притисок за независност во балтичките републики Летонија, Литванија, Естонија и на други места. Иако беше посветен следбеник на советската држава и социјалистичките идеали, реформите на ослабениот систем, според него, беа нужни за понатамошен напредок на земјата. Во тоа доста го увери и нуклеарната несреќа во Чернобил од 1986 година, што откри многу сериозни недостатоци на комунистичкиот систем и неспособност на највисоките носители на одлуки да спречат такви катастрофи и да го заштитат населението. Советските власти катастрофата ја признаа со неколку дена задоцнување и тоа дури кога зголемената радиоактивност е забележана во соседни земји. Во областа на надворешната политика, тој одлучи да ја прекине советската интервенција во Авганистан и да започне разговори со тогашниот американски претседател Роналд Реган, што доведе до неколку договори за ограничување на вооружувањето. Кога продемократски протести зафатија земји од советскиот блок од комунистичка источна Европа во 1989 година, тој се воздржа од употреба на сила - за разлика од претходните лидери на Кремљ, кои испратија тенкови да ги задушат востанијата во Унгарија во 1956 и во Чехословачка во 1968 година. Но, протестите поттикнаа аспирации за автономија во 15 републики на Советскиот Сојуз, кој се распадна во наредните две години на хаотичен начин. Горбачов залудно се бореше да го спречи колапсот. Следбениците на „тврдата линија“ се обидоа во 1991 да го соборат од власт со државен удар што не успеа. Тоа го означи крајот на политичката кариера на Горбачов и тој мораше да си поднесе оставка, а Советскиот Сојуз се распадна. За многумина во Русија - предавник Потоа Горбачов главно се повлече од активната политика, но остана важна личност од заднината која долго изнесуваше ставови за релевантни теми од Русија и од светот. Го сметаа за гласен критичар на првиот претседател на Русија, Борис Елцин, како и на актуелниот, Владимир Путин. Меѓу историчарите, тој се смета за едно од најзначајните лица од втората половина на дваесеттиот век. Во 1990 година, тој доби Нобелова награда за мир. Но во Русија за многумина е предавник. Советски носталгичари му замеруваат што допуштил да се распадне земјата што комунистите 70 години ја граделе на урнатините на империјална Русија. Дека станувало збор за голема геостратешка грешка, неколкупати оцени и Путин. Многумина Руси никогаш не ги простија турбуленциите што неговите реформи ги предизвикале, сметајќи го последователниот пад на животниот стандард како превисока цена за демократија. бд/сд/

Остани поврзан