• понеделник, 23 декември 2024

Голема еколошка акција „Генералка викенд 2022“

Голема еколошка акција „Генералка викенд 2022“
Скопје, 4 април 2022 (МИА) - „Пивара Скопје“, „Пакомак“ и „Мен енд Маунтен“ ја најавија досега најголемата еколошка акција „Генералка викенд 2022“, што ќе се спроведува во 26 општини низ државата, вклучително и во Град Скопје. Еко-акцијата е поддржана и од министерствата за животна средина и просторно планирање и за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во пролетниот дел од акцијата, која во повеќето општини ќе се одвива од 6 до 8 мај 2022, ќе биде собран целокупниот сув отпад од локациите што се одредени од страна на општинските власти. Вработените и членовите на менаџерскиот тим на Пивара Скопје, заедно со администрацијата на Град Скопје и со останатите партнери и заинтересирани граѓани, в петок ќе собираат отпад од врвот, пешачките патеки и падини на планината Водно, со што и официјално ќе биде означен почетокот на „Генералка викенд 2022“. - Со најновата еколошката акција, која ќе биде досега најголема акција од ваков вид во земјата, сакаме да постигнеме двоен ефект во заштитата на природата. Со пролетниот дел од оваа акција сакаме да го собереме отпадот од голем број локации ширум земјата, а со есенскиот дел сакаме да придонесеме за збогатување на шумскиот фонд, изјави на денешната прес-конференција Марија Мининчиќ, менаџерка за партнерства со заедницата на „Пивара Скопје“. Таа додаде дека „Генералка Викенд 2022“ е продолжение на акциите за чистење на кејот и водите на Вардар и езерото Матка кои се спроведуваа во изминатите неколку години. - Оваа акција има и друго посебно значење, а тоа е дека ја организираме во годината кога прославуваме 100 години од основањето на „Пивара Скопје“, што дополнително покажува колку за нас се важни чистата животната средина и интересите на заедницата, дополни Мининчиќ. За соодветна селекција и рециклирање на собраниот отпад во текот на акцијата ќе се погрижи „Пакомак“, заедно со локалните комунални претпријатија. - Ова е еден од начините со личен пример да ја подигнеме свеста кај населението за заштита на животната средина и околината што нѐ опкружува. Кога секој би се грижел отпадот од пакување да завршува во соодветната корпа би имале многу почиста животна средина и поубаво окружување за нас, но и за нашите поколенија, појасни Ико Бардаровски, менаџер за развој на бизнис и комуникации на компанијата „Пакомак“. Како продолжение на акциите за пролетно чистење, во рамки на „Генералка викенд 2022“ предвиденa е и акција за пошумување. што ќе се спроведе наесен. Бројот на дрвцата што ќе бидат засадени ќе зависи од количината на отпад што ќе биде собрана за време на пролетното чистење, при што за секои 10 килограми собран отпад ќе биде засадено по едно дрвце. Дополнителен број садници ќе се обезбедат од средствата што ќе бидат донирани преку платформата наречена „Сончева гора“ која ќе биде отворена за сите заинтересирани поединци и компании. - За поддршка на оваа иницијатива, Министерството преку својата редовна програма за проширена репродукција на шумите со која се финансира пошумувањето на голините во нашата држава, ќе посвети и засади, преку ЈП „Национални шуми“ – Скопје, за секои 10 килограми собран отпад по една садница, со можност овие новопошумени површини да бидат именувани како „Сончева Гора“, истакна раководителот на Секторот за шумарство и ловство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Саша Јовановиќ. Локациите за засадување на новите дрвца и нивниот вид, ќе бидат одредени во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП „Национални шуми“, Институтот за биологија и геологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и граѓанските организации кои активно работат во оваа област. - Откако ја започнавме „Генералка викенд“ во 2021 година, ги поврзавме сите слоеви на нашето општество - граѓани, невладини организации, општини, важни компании и институции за да следиме заедничка цел: да го рециклираме отпадот од минатото во зелена иднина која треба да даде надеж и можности за нашите и следните генерации да останат во нашата земја. Нашата цел е да ја исчистиме татковината од отпад во периодот од 2021-2031 година и затоа сега е време да се извалкаме и чистиме, објасни Гордана Софија од организаторите на „Генералка викенд“, „Мен енд Маунтен“. Како составен дел од „Генералка викенд 2022“ предвидено е да се организира и  специјален фестивал во Крива Паланка на кој преку спој од добра музика, храна, пијалаци и претставување на локални уметници и занаети, ќе се прослави акцијата за пролетното чистење. Од „Мен енд Маунтен“ велат дека ваквите прослави ќе придонесат оваа акција да прерасне во традиционална и да се одржува секоја година. За додатни информации и за следење на понатамошниот тек на акција може да се посети фејсбук групата на „Генералка викенд“. сх/сп/

Остани поврзан