• петок, 22 ноември 2024

Годинава 440 лекари положија стручен испит

Годинава 440 лекари положија стручен испит

Скопје, 27 декември 2023 (МИА) - Во 10 испитни сесии кои беа организирани во текот на 2023 година стручен испит положија вкупно 440 доктори на медицина кои ги исполнуваат условите за добивање на лиценца за работа, соопшти Лекарската комора на Северна Македонија.

Најголем интерес за полагање на стручен испит и оваа година имало во декемвриската испитна сесија кога положиле 232 доктори на медицина.

Докторите на медицина по завршување на медицинскиот факултет и приправничкиот стаж, најдоцна во рок од една година треба да полагаат стручен испит за да може да се стекнат со лиценца за работа. Организацијата на полагањето на стручниот испит е една од надлежностите на Комората, покрај издавањето на лиценци, водење на Регистар на лиценци, акредитација за континуираната медицинска едукација и спроведување на стручен надзор.

Минатата 2022 година стручен испит положиле 435 доктори на медицина, во 2021 уверенија за положен стручен испит добиле 350, а во 2019 година оваа бројка била 420.

Од Комората најавуваат дека во 2024 година ќе го модернизираат процесот на полагање на стручен испит, по примерот на останатите коморски асоцијации од западно-европските држави со кои се остварува блиска соработка.

- Базата на испитни прашања е обновена и дополнета и веќе е објавена на интернет страницата на Комората. Новина ќе биде тоа што писмениот дел од испитот ќе се полага на компјутер, каде посебен програм ќе генерира тест со испитни прашања и понудени одговори од кои само еден ќе биде точен. Откако ќе бидат одговорени сите прашања, компјутерскиот програм автоматски ќе го дава и бројот на точни одговори, стои во соопштението.

Докторите кои точно ќе одговорат 60 проценти од прашањата ќе се упатуваат на полагање на практичен и устен дел од испитот. Во практичниот дел докторите ќе добиваат студија на случај на пациент и тие треба да објаснат како ќе го лекуваат.

Во последниот устен дел, како и досега, како што се наведува, акцентот се става на познавањето на етичните норми и правила кои лекарот треба да ги почитува во практикувањето на докторската дејност.  мд/дма/

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан