• недела, 22 декември 2024

Главниот државен обвинител на Украина поднесе оставка по голем скандал во армијата

Главниот државен обвинител на Украина поднесе оставка по голем скандал во армијата

Киев, 22 октомври 2024 (МИА) - Главниот украински државен обвинител Андриј Костин соопшти дека поднесува оставка поради скандал во кој десетици домашни функционери наводно ја злоупотребувале својата положба за да добијат статус на инвалиди и да избегнат служба во армијата.

Оставката доаѓа по состанок на Советот за национална безбедност и одбрана, на кој се разговарало како да се спречи корупцијата и да се затворат „дупките“ во законот кои се користат за да се избегне воена служба.

Канцеларијата на Костин во последно време е под удар поради обвиненијата против повеќе локални функционери, вклучувајќи и обвинители, кои наводно ја злоупотребиле својата функција за да добијат лажни дијагнози на инвалидитет.

„Главниот обвинител мора да преземе политичка одговорност за ситуацијата во органите на прогонот во Украина“, напиша претседателот Володимир Зеленски во острата изјава на социјалните мрежи по состанокот на советот.

Набргу по оваа изјава, Костин објави дека поднесува оставка. Тој ја нарече ситуацијата со лажните инвалидски дијагнози „неморална“ и се согласи дека мора да преземе лична одговорност.

- Во ваква ситуација сметам дека е исправно да поднесам оставка, рече Костин. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан